Ковачевски подготвен да биде домаќин на средбата Вучиќ-Курти

Од:

Премиерот Димитар Ковачевски е подготвен да биде домаќин на средбата на претседателот на Србија Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти како дел од преговорите меѓу Белград и Приштина, кои се водат под покровителство на ЕУ и САД, на 18 март во Северна Македонија, потврдија за МИА од Владата.

На средбата, како што е најавено ќе присустуваат и високиот претставник на Европската Унија за заедничка надворешна политика и безбедност Жозеп Борел и специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак.

На прашањето на МИА дали премиерот Ковачевски би прифатил да биде домаќин на оваа средба следниот месец во земјава, од Владата одговорија потврдно и посочија дека европскиот предлог за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина е исклучително важен за иднината и стабилноста на регионот, а Северна Македонија уште еднаш докажува дека фактор на стабилност, односно земја членка на НАТО, која ги отпочна преговорите со ЕУ и како земја која претседава со ОБСЕ, најголемата безбедносна организација во Европа.

-Оваа констатација беше неодамна потврдена и посочена на Минхенската безбедносна конференција каде премиерот Ковачевски ја предводеше владината делегација, додаваат од Владата.

Средбата меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти со претставници на Европската Унија во Брисел заврши без договор, но европскиот комесар за надворешни работи Жозеп Борел изјави дека Вучиќ и Курти се согласиле дека не се потребни дополнителни разговори за европскиот предлог и дека тоа е рамка за нормализирање на односите меѓу двете страни.

Вучиќ рече дека е договорено следната средба да се одржи во Северна Македонија на 18 март. Тој додаде дека разговорите во Брисел биле тешки и дека главниот камен на сопнување е Заедницата на српските општини на Косово.

– Имавме тешка средба и верувам дека ќе има уште многу во наредниот период. Треба да се видиме на 18 март во Северна Македонија, кога Борел ќе го посети регионот, а дотогаш ќе разговараме со Лајчак за работите што треба да ги спроведеме. Во соопштението на ЕУ ќе се спомене неопходноста од спроведување на сите досегашни договори. Инсистирав на Заедницата на српските општини. Курти сега не беше подготвен да го прифати тоа, а дали ќе биде подготвен во иднина, ќе видиме, изјави Вучиќ.

По средбата, на која учествуваше специјалниот пратеник на ЕУ за нормализација на односите меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак, Борел изјави дека разговорите биле интензивни и дека и Вучиќ и Курти покажале одговорност.

Тој додаде дека претседателот на Србија и премиерот на Косово на трилатералната средба во Брисел се договориле дека не се потребни дополнителни дискусии за текстот на предлогот на ЕУ за нормализација на односите меѓу Србија и Косово и дека текстот наскоро ќе биде објавен на веб-страницата на ЕУ.

– Сега, кога се договорија за тоа, текстот на планот многу брзо ќе биде достапен на јавноста. Овој план е пред се важен за луѓето кои живеат во Србија и Косово, за нивните граѓани. Според планот, граѓаните ќе можат слободно да се движат, да ги користат пасошите и документите, како и регистарските таблички, рече Борел.

Би можело да ве интересира

Вучиќ: Нема да успеат, Србија нема да застане

Вучевиќ: Опозицијата насилно се обидува да го блокира Собранието, нема да ја спречи Србија

Брнабиќ: Погазувајќи го достоинството на Собранието, се радуваат оние кои не сакаат просперитетна Србија

ВИДЕО: Тепачка во српскиот парламент, се пресметаа пратениците на власта и опозицијата

Македонски автобус заглави во снегот во Србија, се излизга и удри во банкина

Катерина Ѓуровски

Нов пограничен инцидент помеѓу Косово и Србија