Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски заедно со секретарот за меѓународна соработка на СДСМ, Бојан Маричиќ, се сретна со амбасадорката на САД во Република Северна Македонија, Кејт Мери Брнз информираат од прес центарот на СДСМ.
„Како претседател на СДСМ и како мандатар за новата влада, ќе се водам исклучиво од принципите на заедништво, одговорност, посветеност и ефикасност, а тоа ќе го барам и од моите соработници. Мојот став и принцип е нула толеранција за корупција на секое ниво, особено за носителите на високи, јавни функции. За таа цел, ќе се посветам на јакнеење на капацитетите на институциите кои се борат против корупцијата. Ефикасно, одговорно и посветено“ рече Ковачевски.
Во однос на прашањето со Бугарија и евроинтеграцијата, Ковачевски истакнал дека потребно е да се најде заедничко прифатливо решение, со цел да се оттргне блокадата и Северна Македонија конечно да ги започне преговорите со ЕУ, нешто што одамна го заслужува.
„Ги имаме исполнето сите услови за почеток на преговорите. Остануваме посветени на наоѓање решение со соседна Бугарија за да продолжи нашиот европски пат. По изборот за премиер ќе го поканам господинот Петков да ја посети нашата земја. За нас е најважно да направиме план, заедно со бугарската влада, за отстранување на блокадата час поскоро, секако со заедничко прифатливо решение. Ние треба да останеме посветени и ангажирани во разговорите со искрен пристап. Ако ист таков пристап има и новата бугарска влада, верувам дека е можно да изнајдеме компромис за отворените прашања.“ рече Ковачевски.
Амбасадорката Брнз порача дека САД продолжуваат да бидат најголемиот стратешки партнер на Северна Македонија како во делот на спроведувањето на реформите, така и во евроинтегративниот процес.