Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска присуствуваше на одбележувањето на подготвителните активности за изградба на Лидл логистички и дистрибутивен центар во Северна Македонија во индустриската зона Речица во близина на Куманово, каде имаше и свое обраќање.
Во продолжение го пренесуваме интегралното обраќање на премиерот Димитар Ковачевски:
-Денес започнуваме ново поглавје во македонската економија. Северна Македонија официјално станува дел од големото семејство на познатиот трговски ланец Лидл, кој е препознатлив во регионот и пошироко по својот квалитет и цена. За мене претставува големо задоволство што овој германски гигант ја одбра токму Северна Македонија, поточно, оваа индустриска зона во селото Речица во близина на моето родно Куманово за изградба на модерен логистички и дистрибутивен центар во нашата држава.
Со инвестиција од 80 милиони евра и нови над 150 работни места во финалната фаза на нивното проширување, Лидл планира најголема, но и долгорочна инвестиција во нашата држава, која сметам дека ќе отвори големи перспективи како за нашата национална економија, така и за нашата држава која преку ваквите успешни бизнис модели ќе оствари поголем пробив на меѓународните пазари.
Квалитетот на Лидл успешно се градеше во изминатите 50 години и денес мрежата на овој познат трговски ланец е распространета во повеќе од 30 земји во светот и со над 12000 маркети. Лидл не е само обичен трговски ланец, туку изграден бренд чии маркети во регионот се посетени и од многу наши граѓани бидејќи добиваат висок квалитет за поволна цена. Ние создадовме услови ова да го овозможиме дома. Зад овој квалитет стојат луѓето, поточно над 376.000 вработени кои се дел од реномираното Лидл семејство.
Денешниот настан е потврда за нашето долгорочно цврсто партнерство со нашите германски партнери и стимул за нашите економски политики кои создаваат поволен и предвидлив деловен амбиент за странските инвеститори кои ја одбираат нашата држава како стабилно и безбедно место за нивните инвестиции. Верувам дека Лидл ќе испише успешна приказна и во нашата држава, како што тоа е случај и во регионот. Исто како што испишува во светски рамки бидејќи верува во луѓето и во нивниот потенцијал. Не случајно често пати велам дека најголем двигател на нашиот развој се луѓето. Тие се нашиот најголем адут и нашата најголема вредност. И затоа треба да вложуваме во нивниот развој.
Драго ми е што искусни менаџери ги гледам тука, мои бивши колеги со кои сме работеле во една друга германска компанија веќе се дел од тимот на Лидл кој ќе работи на развој и управување на логистичкиот центар и верувам дека ќе ги изберат најдобрите вработени кои ќе бидат дел од тимот кој ќе го предводи развојот и трансформацијата на малопродажните и големо-продажниот сектор во нашата држава. Токму изградбата на современиот Лидл логистички и дистрибутивен центар во е признание за вредноста на нашите луѓе и потенцијалите на нашиот пазар.
Тоа е нашата цел-преку примена на европски и меѓународни стандарди да постигнеме глобални успеси. Тоа го овозможија нашите политики со евроатлантска ориентација со помош на кои достигнавме највисоко ниво на странски директни инвестиции од 754 милиони евра во најкризната година во Европа.
Преку нашите економски оправдани мерки овозможивме двојно повеќе странски директни инвестиции од 2016 година, а тие уште повеќе ќе се мултиплицираат со нашето извесно членство во ЕУ. И додека светската економска криза ги погоди сериозно и светски развиените економии, ние успеавме да ги задржиме работните места, а преку интервентни мерки ја стабилизиравме нашата економија и обезбедивме континуиран раст. Создадовме поволни услови за раст и во технолошко-индустриските развојни зони, каде бројот на вработени се искачи на 18.000, а просечната бруто плата во компаниите, според најновите податоци, надмина 60.000 денари.
Македонскиот пазар не е веќе изолиран. Планот за раст за Западен Балкан ни ги отвора вратите кон заедничкиот европски пазар и не става на брза лента за влез во Унијата преку зголемување и зацврстување на регионалната соработка. Наш врвен приоритет е да работиме посветено и да ја донесеме Европа дома! Нашите луѓе да се чувствуваат европски со европски плати и европски квалитет на живот овде, во нашата држава. На тоа работевме напорно и тоа и ќе го оствариме заедно, обединети во концептот за просперитетна европска иднина! На крајот, честитки до менаџментот на Лидл за нивната бизнис идеја која планираат да ја реализираат овде кај нас. Сакам да упатам благодарност до вицепремиерот Битиќи, до неговиот кабинет, дел од нив се тука присутни со нас денес. До О.Куманово, до градоначалникот, до советниците до администрацијата кои работеа со менаџментот на Лидл на реализација на оваа идеја. Без таква координација и без посветена работа немаше да биде можно денес да имаме поставување темели на овој модерен објект. Посакувам голем успех на нашиот пазар и да продолжиме заедно да освојуваме многу пазари – рече Ковачевски.