Ковачевски: Дијалог базиран врз европски вредности е решение за кој било отворен спор

Од:

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски, на седницата за пратенички прашања во Парламентот објасни и за текот на разговорите со Република Бугарија.

„Од формирањето на оваа Влада, имаме пристап на воспоставување односи со Бугарија коишто нема да бидат на наративот на национализам и популизам, туку ќе бидат на теми коишто се свртени кон иднината и коишто ќе значат бенефит за граѓаните на двете држави. При тие разговори, на почетокот, со официјалните институции на Република Бугарија, ние и јас инсистиравме разговорите да бидат водени на база на европски вредности, коишто треба да ги водат принципите по коишто се водат разговорите, тие се принципи на почитување на сите функционери од институциите на двете држави и достоинство на граѓаните на двете држави. Без придржување на такви принципи, не е можно да се води позитивен дијалог со кого било, а најмалку со соседна држава со којашто имаме предизвик за решавање отворен спор, којшто постои од минатото и којшто е предуслов да биде решен, за да може да се одржи првата меѓувладина конференција за Република Северна Македонија со Европската Унија“ рече премиерот Ковачевски.

Тој соопшти дека во таа насока се формирани и работат работни групи во областа на економијата, инфраструктурата и транспорт, земјоделството, животната средина, образованието и науката, културата.

„Ние имавме одличен дијалог бидејќи националистите, пропагандистите веќе немаа простор да го имаат главниот збор во општеството“, додаде премиерот Ковачевски.

Тој го коментираше и отворањето на Центарот во Битола со името на Ванчо Михајлов и ги повика пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да обрнат внимание кого евентуално поддржуваат.

„Јас сум директен и искрен човек и искрено и како премиер и како граѓанин ќе ви одговорам. Сосема е во ред, која било соседна држава којашто има граѓани кои се самоопределуваат, да отвори културен центар во нашата држава, како што впрочем, пред многу години и ние отворивме културен центар во Софија, како што веќе низа години постои културен центар на Бугарија во Скопје. Тоа е една од многуте форми за пријателство, добрососедство и размена на културните вредности.

Конкретно, ние како две држави, како два народа, сме различни, со различен културен, јазичен и национален идентитет. Така било, така ќе биде, бидејќи македонскиот народ има вековита засебна традиција, историја и посебен идентитет.

Но, во исто време, не сум задоволен, не се согласувам и сум многу разочаран што соседна Бугарија одлучи да именува центар со името на Ванчо Михајлов.

За мене, а знам и за огромното мнозинство на граѓаните, лицето Ванчо Михајлов е поврзано со директна соработка со нацистички и фашистички режим. Тоа е крајно негативен лик, кој направил огромна штета на македонскиот народ. Човек кој учествувал во ликвидација и ништење на македонски револуционери. Бил соучесник во режимот кој ги депортираше сите македонски Евреи во логорите на смртта. Тоа е огромно, ужасно, непростливо злосторство.

Како се чувствувам? Нималку добро. Многу бев вознемирен кога ги видов бугарските официјални лица, заедно со македонски граѓани, пред сѐ од Битола, кои отвораат центар со вакво име, со слики и фигури на овој лик.

И мојот личен став и ставот на мојата партија за негативниот лик и дело на Ванчо Михајлов не е променет. Ист е. И кога неговата фигура беше поставена во Музејот во Ново Село во Штип, со говор на почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, осудено лице за криминал и бегалец, Никола Груевски. Мојот негативен став за него, е ист како тој кога неговата фигура беше ставена и во Музејот во Скопје, како дел од криминалот на Груевски и сопартијците во најголемиот криминален проект Скопје 2014-та година.

Не знам, дали го имате на сликите во вашата Бела палата. Вие си знаете.

Но, знам дека токму ВМРО ДПМНЕ од своите почетоци е наследник токму на Ванчо Михајлов. Тоа е срамно и недозволиво. Исто како што ваши членови беа на отворањето во Битола, водена од градоначалник на ВМРО ДПМНЕ. И срамно е што вие во вашиот статут и грб се повикувате на континуитетот и на Тодор Александров и на Протогеров за кого редовно пеете песни. Патем, нивниот ученик и соработник, Ванчо Михајлов, ги реализира нивните ликвидации, како што сложно тројцата претходно, учествувале во ликвидациите на огромен број македонски левичарски револуционери, како што тој срамен лик бил водач на ВМРО во 20-тите години на минатиот век, а ВМРО-ДПМНЕ тоа го прифаќа и се гордее со тој континуитет.

Па свртете се, ве молам, околу вас, во белиот дворец, видете ги сликите во него, прашајте ги вашите ветерани и тие ќе ви кажат дека тие го слават Ванчо Михајлов, не јас, ниту СДСМ, ниту најголем дел од нашите сограѓани“, повика премиерот Ковачевски.

Тој рече дека има слики кој присуствувал на отворањето на клубот во Битола и ќе му ги даде на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Во врска со отворањето на Центарот во Битола, премиерот повтори дека дал насоки на надлежните ресори и министри, да направат анализа зошто нема законска регулатива со којашто ќе се спречат вакви и слични имиња да бидат користени и најважно, да подготват законска основа за нивно соодветно третирање.

„Планирам директно да го информирам колегата Петков, дека како Влада, во текот на оваа година, имаме намера да отвориме нов културен Центар на Република Северна Македонија во Благоевград. Името на Центарот ќе го определиме во комуникација со нашиот Институт за национална историја“, најави премиерот Ковачевски и рече дека на овој настан планира да повика претставници од опозицијата.

Би можело да ве интересира

Ковачевски ги соопшти носителите на изборните листи за парламентарните избори

Предраг Петровиќ

ВМРО-ДПМНЕ: Владата во заминување повторно удри по граѓаните, Ковачевски со 2500 евра апанажа не чувствува глад

Ковачевски: Скопје е развластен град, лажни беа ветувањата на ДПМНЕ за современ град

Ковачевски: Владата подготви закон за рестриктивни мерки, Милошоски да го стави на комисија

Ковачевски од Куманово: СДСМ има јасна визија за просперитетна иднина

Предраг Петровиќ

Ковачевски: Носителите на листи и кандидатите за пратеници ќе бидат познати на конгрес последната недела месецов