Нема ниту еден предлог за уставен судија, изјави денеска претседателот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, пратеникот од СДСМ, Коста Костадинов, кој посочи дека штом колегите го известат дека се создале услови за отворање на точката на седницата која пред неколку дена беше прекината, тој ќе свика нејзино продолжение. Костадинов нагласува дека нема да успее желбата за блокирање на Уставниот суд од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
– Добрата работа е што како парламентарно мнозинство и како човек кој ја води Комисијата не дозволивме пустата желба на ВМРО-ДПМНЕ да не почне седница на Комисијата да се оствари. Правно-формално тоа што е усвоен дневниот ред на Комисијата значи дека седница постои. Втората работа што треба да се знае е дека уште еден предлог којшто беше ставен на самата седница е усвоен со седум гласа „за“ преминување по работа на втората точка, без дневниот ред да биде изменет. Очекувам од колегите кои побараа скокнување на првата точка да ме известат штом се створат услови за работа по првата точка веднаш истата да се отвори. Јас сум убеден дека и покрај сите обиди за бојкот и блокада од страна на ВМРО-ДПМНЕ ние сме должни да обзбедиме функционални институции што ќе бидат во служба на граѓаните, но и на државата, рече Костадинов.
Околу однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ, според него, дефинитивно станува збор за непотребен циркус во Парламентот, со единствена цел блокада на формирање или доекипирање на важни институции што треба да бидат во служба на граѓаните и на државата.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски ги отфрли тврдењата за блокада на Костадинов, обвинувајќи го за непочитување на Деловникот на седницата.
-Блокада е омилен збор на владејачкото мнозинство во моментов. Меѓутоа, фактите и снимките од седницата говорат друго, дека согласно деловникот пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и членовите на Комисијата за избор и именувања побараа процедурални забелешки по точките што се на дневен ред. За жал, научени да функционираат на нивниот начин на самоволие не дозволија да се завршат процедурални забелешки и од таа причина седницата се уште официјално не е почната, односно на самиот почеток беше прекината, рече Мицевски.
Во однос на имињата што се споменуваат за нови уставни судии, тој вели дека е се на база на шпекулации, а и според Законот, за жал, предлозите доаѓаат на самата седница без претходно да се продискутира во јавноста.
-Интенцијата е јасна, она што Заев го прави во судството на сите нивоа, го прави и со Уставниот суд и ќе биде пораз за државата, за Уставниот суд и за уставните судии.
Во Уставниот суд се испразнети местата на тројца судии чии мандати истекоа. На Комисијата за прашања на изборите и именувањата треба да бидат предложени нивните наследници, а потоа тие со мнозинство гласови се бираат од Собранието.
2021-06-10 15:36:25, од Елизабета Велјановска-Најдеска