Од минатата недела бројот на новодијагностицирани со Ковид-19 во земјава повторно почна да се качува и, според анализата на „А1он“, достигнува иста бројка како што имавме во март, кога вирусот почна да зема залет.
Денеска, според нашата анализа направена според бројот на тестови на дневна база и бројот на новозаразени дневно, достигна 15 проценти, односно од направени 145 теста, 22 се позитивни.
Денешниот биланс на Ковид-19 во земјава е фактички петтиот пик. Првите два, кога во Македонија околу 19 проценти од тестираните биле позитивни имало на 22 март и на 4 април. Уште два пика имало кон средината на април, кога 16 отсто од тестираните биле позитивни и последниот е денешниот, кога над 15 проценти од тестираните се позитивни на Ковид-19.
Само седум дена во последниот период бројот на новозаболени опаѓал, во периодот од 20 до 27 април, а потоа бројките варираат, за во последниве денови, точно по завршувањето на велигденските и првомајските празници, да почнат повторно да растат – нешто што беше и аларм за Министерството за здравство, па затоа и сè уште не е донесена препораката за поблаги мерки, укинување на полицискиот час и предлог за работа на одредени бизниси.
Од табелата што следи може да се видат процентот на заболени лица направен според бројот на тестови и на новодијагностицирани. Пред 21 март од Институтот за јавно здравје не беа споделувани бројките на направени тестови, па оттаму не беше можно да се направи компарација.
За разлика од некои држави во регионот, кои одлуката за носење помеки рестриктивни мерки ја носат врз база на направени голем број тестови со позитивни дијагностицирани од најмногу 5 отсто, Македонија, како што може да се види од табелата, од 25 април нагло почнува да го намалува бројот на направени тестови, а процентот на новозаболени сепак многу ретко паѓа под 5 отсто.
Од 728 теста направени за еден ден, во април, бројката на тестови почнува да паѓа и да се движи од стотина до околу 400 теста дневно. Ова министерот за здравство, Венко Филипче, го образложи со фактот дека потребата за тестирање сега е намалена, односно се намалил бројот на пациенти со индикации за тестирање и за идниот период најави скрининг на групи каде би можеле да се кријат нови кластери, а се асимптоматски на коронавирусот. Во првата фаза ќе бидат тестирани здравствените работници, вработените во градинките и во јавните инситуции, а ќе следуваат и вработените во јавниот превоз, автошколите итн.
Според денешните, најнови податоци, Македонија се наоѓа ниско на табелата според направени тестови на милион жители. Под нас се единствено Албанија и Бугарија.
Најгоре на табелата е Словенија, која има над 30 илјади тестови на милион жители или вкупно, 63.365. Во Македонија досега се направени 19.241 тестови, а бројката на жители во Македонија и Словенија е приближно иста, околу 2 милиони.
Се очекува Комисијата за заразни болести да поднесе нови предлози кои ќе се разгледуваат утре на владина седница, но во случај да нема драматично влошување на состојбата.