Короната го одложува исказот на Лидија Димова, благајничката и соработникот, но и одлуката за обвинението

Од:

Поради коронавирусот, се одложуваат сослушувањата на осомничените Лидија Димова, Александар Гочев и пензионираната благајничка Ана Павлиду, кои се гонат за проневери на европски пари преку Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција вели дека постапката е во тек, но оттаму не прецизираат дали истата ќе се прошири и на други лица, како и дали во скоро време ќе биде поднесено обвинение. Според сознанија на „А1он“, причината што досега не се ислушани сите осомничени е решението за изолација кое го добиле Димова и Павлиду.

„Истражната постапка за која покажувате интерес е во тек и е согласно законскиот рок предвиден за истрага. Освен прибирање материјални докази до сега е сослушано едно од осомничените лица, додека сослушувањето на другите две осомничени лица беше одложено поради примена на здравствените прописи. Овие осомничени ќе бидат сослушани откако надлежниот обвинител ќе добие потврда за нивната  здравствена состојба и способност да дојдат и да дадат исказ“, велат од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за „А1он“.

Досега, од осомничените исказ пред обвинител даде само Зоран Златковски, сопственик на фризерницата „В.Е.З. Трејд“, која доби над 270.000 евра пари за едукација. Но, исплатата на парите е стопирана од новиот директор Марко Ѓоргиески. Освен Златковски, неофицијално, исказ во Обвинителство давале и соработници на Националната агенција, кои се поврзуваат со апликациите на Златковски, односно „В.Е.З. Трејд“. На сите осомничени лица, освен Павлиду, им се одземени пасошите со одлука на кривичниот суд.

Лидија Димова се сомничи за сторена измама на штета на средства на Европската заедница и злоупотреба на службена положба и овластување. Зоран Златковски и Александар Гочев се гонат за измама на штета на средства на Европската заедница. Ана Павлиду се товари за кривично дело несовесно работење во службата. На сите, освен Павлиду, им се одземени пасошите.

Случаите се покренаа откако „А1он“ објави дека скопска фризерница добила над 270.000 евра европски пари за едукација. Директорката Димова истражувањето го нарече манипулативно и организиран напад врз Националата агенција за европски образовни програми и мобилност. Преку социјалните мрежи, Димова се обиде и јавно да го дискредитира новинарот, заканувајќи се со тужба, на што реагираа и новинарските здруженија. Тогаш, премерот Зоран Заев ги повика истражните институции да ја испитаат работата на Националната агенција.

Во вториот дел од истражувањето, „А1он“ објави дека ангажирани во проект на фризерницата „В.Е.З. Трејд“ обвинуваа дека сопственикот Зоран Златковски им префрлал пари на трансакциска сметка и  барал да му ги вратат во кеш. Златковски на заедничка онлајн прес-конференција посочи дека никогаш не зел пари во кеш.

Обвинувања на сметка на Димова имаше и од пензионираната благајничка во Националната агенција Ана Павлиду. Таа во интервју за „А1он“ посочи дека ѝ бил вршен мобинг, но и дека соработничка на директорката Димова ѝ се заканувала со убиство.

Фризерницата немало да  го добие грантот од над 60.000 евра во акцијата „202“ доколку проектите биле финансирани според ранг-листата што ја направиле евалуаторите. Кога две апликации биле ставени на резервна листа, а една е одбиена за грант од евалуационата комисија, било прифатено да се финансира „В.Е.З. трејд“. Организација која имала повеќе бодови од „В.Е.З. Трејд“ и не е финансирана со образложение дека има конфликт на интереси ја тужи Националната агенција. И Златковски се поврзува со вработена во Националната агенција, со која во минатото работеле на проекти грантирани од „Еразмус+“, но неговиот проект е грантиран.

 

Би можело да ве интересира

ОЛАФ доаѓа за истрагата против Лидија Димова и фризерницата, ќе ги испитува злоупотребите со обвинителот

Сослушана Лидија Димова за злоупотребите во Националната агенција, поради короната, истрагата ќе биде продолжена

Кристијан Ландов

Ѓоргиевски назначен и за директор, по разрешувањето на Лидија Димова

Кристијан Ландов

Националната агенција ги прекина проектите вредни 211 илјади евра на фризерницата на Златковски

Златковски дал исказ пред обвинител, Димова, Гочев и Павлиду ќе се сослушуваат од идната недела

Кристијан Ландов

Обемен доказен материјал против Лидија Димова и другите осомничени, истрагата може и да се прошири