Корона дијалози: Здравствената не смее да прерасне во политичко – правна криза во земјата

Од:

Четвртите по ред онлајн дискусии „Корона дијалози„ во организација на Универзитетот „Св.Климент Охридски“ анализираа уште една важна тема „Влијанието на новите политички и правни предизвици од пандемијата“ каде земаа учество повеќе професори и експерти од земјата. Дијалогот се оствари низ повеќе аспекти меѓу кои правните, политичките, безбедносните и геополитичките гледишта како и фокус кон вонредната состојба и влијанието на пандемијата.

Пандемиската криза ги погоди и судските системи на глобално ниво и во зависност од позиционираноста сите се соочуваат со различни проблеми. Во исклучителната ситуација, владите со право приоритет дадоа на здравството и економијата, но, тие не можат да се „носат“ успешно без владеење на правото, посочува судијата на Врховниот суд, Мирјана Лазаревска Трајковска. Судството и праводудството треба да се гледаат во контекст на глобалната состојба, во услови кога во државата функционира техничка Влада, нема Парламент што нормално ќе ја врши законодавната улога, судовите треба да се јават како коректори, особено Уставните судови. Во однос на почитувањето на човековите права, таа истакна дека и во вонредни ситуации државите треба да постапат во согласност со барањата што ги наложува ситуацијата и ништо повеќе од тоа и надвор од тоа, без да се излегува од рамките на начелото на владеење на правото.

Модераторот, професорот Марјан Ѓуровски во рамки на дијалогот истакна дека влеговме во нова фаза на справувањето со здравствената криза.

„Дали процесот на нормализација ќе биде успешен зависи од сите нас. Зад нас е еден чуствителен период во кој немавме претходно јасно утврдена правна процедура на вонредна состојба која треба да е јасно дефинирана во посебен закон. Покрај тоа остана дилемата колку со ограничувањето на движењето се навлезе во слободата на човековите права и слободи. Дали меѓу остатото и демократијата е жртва на пандемијата?! Денес не смееме да дозволиме здраствената криза да прерасне во политичка криза и покрај здравјето на граѓаните значаен сегмент е одржливоста на функционалноста на демократијата во земјата, преку оддржување на фер и демократски избори и владеењето на правото што е посебен предизвик на кој особено треба да се внимава“.

Според Ѓуровски, нестабилната политичка состојба може да го загрози функционирањето на институциите. Инаку во земјата социеталната идентитетска безбедност е загрозена поради несоодветното менаџирање на односите со верските заедници и религиозни групи и за жал пандемијата потврди дека сеуште сме поделено општество по верска и етничка основа. Како резултат на отпочнатиот процес на деглобализација и крутата европска реакција на пандемијата може да бидеме сведоци на повторно јавање на популизмот и национализмот во Европа и овој дел од Западниот Балкан. Поради тоа има опасност од појава на авторитарни режими во некои од земјите од Западен Балкан доколку запре процесот на европски интеграции и не се пробудат меѓународните организации. Оттука, како што потенцира професорот Ѓуровски, недостасуваат прагматични реформатори и јавни политики кои ќе застанат на ширењето на популизмот и национализмот кој во земјите во транзиција може да го забави развојот кој е на удар и од економската криза која ни престои.

Инаку во однос на безбедносниот систем преку ад-хок решенија се овозможи функционирање на безбедносниот систем во услови на вонредна состојба по чие завршување многу нешта треба да се менуваат, заклучи професор Ѓуровски.

Проблематизирајќи повеќе актуелни прашања на кризата од аспект на граѓаните, поставеноста на клучните партиски субјекти и односот меѓу науката и политиката, професорот Цане Мојаноски констататира дека од граѓански дискурс во основа се добива преодна оценка, но со одделни „сомнежи“ за недоследности што се исцртуваа по религиски и етнички основи. Во реформирањето на партиските субјекти анализира дека не е направен ниту милиметар и на јавната медиумска сцена се одвива „рововска“ дебата која е потисната со некултура и ниски страсти. Тој се осврна и прашањето дали сегашниот концепт на креирање на политики обезбедуваат изградба на општество „еднакви за сите“. Корона кризата укажа дека односот меѓу науката и политиката е амбивалентен. Науката, особено општествените и дел од хуманистичките како да „уживаат“ во сенката на политиката.

Деканот на Факултетот за безбедност, Никола Дујовски се осврна кон безбедносните аспекти во рамки на политичките и правни влијанија од предивиците со пандемијата. Тој презентира и изнесе конкретни податоци произлезени од работата на Главниот штаб во Владата и во МВР, со над 500 донесени заклучоци кои се однесуваат на спроведување на уредбите што се однесуваат на МВР, како и политиките и практиките кои полициските службеници и другите лица во Министерството треба да ги спроведуваат како обврска во заштитата и во спроведување на безедносните предизвици во кризата. Тој констатира дека низ призмата на безбедноста не е забележано некое поголемо отстапување или друг безбедносен предизвик.

Инаку, Факултетот работи проект насочен кон следење на состојбите во секторот безбедност и активностите на безбедносните инситуции вклучени во справување со пандемијата и по нејзиното завршување, покрај Извештај ќе се подготви и Студија за тоа како се одвиваа работите во безбедносниот сектор и како во иднина да се постапува во вакви или други кризни ситуации.

Во стручниот осврт кон повеќе актуелни состојби и интерпретации, од гледиште на геополитиката и Ковид -19, деканот на Правниот факултет, Горан Илиќ го нагласи геополитичкото значење на Кина во целокупната состојба. Во анализата тој меѓу другото истакна дека пандемијата овозможи откривање на карактеристиките на новиот свет, и тоа слабост на глобалното управување , посебно во областа на здравството и промена на центарот на гравитација кон Кина и Азија. Корона кризата се појавува пред сè како криза на “капацитетот за антиципација” од страна на меѓународната заедница односно криза на меѓународната доверба и соработка. Пандемијата ја надмина географијата, но ја потврди неспособноста за антиципација, таа ја “вшмука” географската парцијалност, а цел свет стана еден/ист во проблемот, но не и единствен во поглед на справувањето со корона вирусот. Корона кризата се појавува пред сè како криза на “капацитетот за антиципација” од страна на меѓународната заедница, односно криза на меѓународната доверба и соработка.

Во излагањето за меѓународните односи и дипломатијата во услови на пандемијата, професорот Елена Тиловска Кечеџи ги посочи недостатоците во справување како од страна на државите така и од страна меѓународните организации. Пандемијата во целиот свет ги посочи и проблемите и недостатоците на државите, на организациите и човештвото во целина: колку сме ранливи и кревки. Колку и да имаме напредни здравствени системи и технологија и колку да вложуваме, нѐ бевме спремни да се соочиме со пандемијата. Според неа, сето ова ја наметнува потребата од промени во сите сегменти вклучително и во меѓународните односи и особено ја нагласува потребата за фокусирање кон идните глобални предизвици.

Апсолутноста на човековите права, во исклучителни ситуации може да биде ограничена. Правен основ за ова е содржан и во меѓународнтите и во националните правни акти, при што ограничувањата мора да бидат определени експлицитено и точно дефинирани, пропорционални и антидискриминаторски, потенцира професор Мирјана Ристовска. Мерките што се преземаат од страна на Владата со кои се ограничуваат човековите права и слободи мора да бидат насочени кон заштита на здравјето на населението и спречување на сериозни ризици по здравјето на населението.

Оттука, од политичко-правен аспект, од особено, битно значење за државите, вклучително и за Република Северна Македонија, во активностите кои ги преземаат „во борбата“ со КОВИД 19, претставува зачувување и зацврстување на човековите слободи и права, како основна темелна вредност.

Резимирајќи го дијалогот, професор Ѓуровски подвлече дека справувањето на државата со пандемската криза се огледува во повеќе подрачја, особено во услови на дејствување на бројни чинители што ја покажува и нејзината способност за справување со истите како и потребата од анализа на сите правно-политички и безбедносни предизвици.

Корона дијалозите на УКЛО беа органиирани во соработка со Факултетот за безбедност и Правниот факултет. Иницијатор и модерато на Корона онлајн дијалозите е проректорот, проф. д-р Марјан Ѓуровски. Серијалот, со нова, актуелна тема, продолжува наредната среда.

Би можело да ве интересира

Проректор Ѓуровски: Високото образование да создава кадар кој потребен на бизнисот за отворање на нови работни места

Ана Ололовска

Потпишан Меморандум за поинтензивна соработка меѓу УКЛО и приватниот безбедносен сектор

Ана Ололовска

УКЛО потпиша договор за соработка со Криминалистичко-полицискиот Универзитет од Белград

Жарко Настоски

ЦУК и академската заедница почнуваат интензивна соработка

Ана Ололовска

Директорот на Агенцијата за национална безбедност Димовски ќе предава пред студентите на Факултетот за безбедност-Скопје

Ана Ололовска

Еразмус + форум во организација на УКЛО и Националната агенција за образовни програми и мобилност

Ана Ололовска