Kоординаторите на пратеничките групи се сретнаа со заменик-државниот секретар на САД, Џон Ј.Саливан

Од:

Kоординаторите на Пратеничките групи на Собранието на Република Македонија и претставници на партиите, остварија средба со заменик-државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Џон Ј.Саливан, со која претседаваше претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери.

Заменик-државниот секретар Саливан како цел на својата посета ја наведе одново потврдената поддршка на САД за членство на Република Македонија во НАТО, цел која има поддршка од јавноста. Чекор кон овој процес е Преспанскиот договор, како многу значаен историски момент, за кој се разговараше, преговараше и дебатираше и тука и во целиот свет.

Присутните имаа можност да изразат задоволство од средбата и да се заблагодарат за континуираната поддршка којашто Република Македонија ја добива од пријателски настроените САД.

Притоа, координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, истакна дека безбедноста и стабилноста е благодарение на САД кои го гарантираат ова на глобален план. Околу уставните измени, партијата е конзистентна и силно посветена на влез во НАТО и ЕУ, како институции кои го обезбедуваат мирот, безбедноста и економскиот просперитет. Потребна е работа на четирите принципи од Планот 18 доставен од Владата и се надеваме дека ќе бидеме вклучени и во другите планови, рече Мицевски.

Координаторот на СДСМ, Томислав Тунтев, ги истакна вложените напори за инклузивни реформски процеси, затоа што само со заеднички сили може да се дојде до одржливи решенија. Да станеме 30-та полноправна членка на НАТО, не само заради безбедноста и сигурноста, туку и заради квалитетот на живот на сите граѓани – заклучи Тунтев.

Од своја страна, координаторот на ДУИ, Ејуп Алими, истакна дека Преспанскиот договор е договор кој го отвора патот на Република Македонија во ЕУ и НАТО, но побара конкретна поддршка поради загриженост од напорите на Русија да не се спроведе овој Договор.

Елизабета Канческа-Милевска, како координатор на Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, истакна дека гласале за промена на Уставот затоа што сметале дека треба да се даде инклузивност во овој процес и поднеле конструктивни амандмани, кои биле прифатени во првата фаза. Притоа, таа ја потенцираше значајноста, сензибилноста и емотивноста на ова прашање.

Во продолжение, координаторот на БЕСА, Африм Гаши, изрази благодарност за целосната посветеност за постигнување компромис со Грција, кој беше болен, но без помош од САД ќе беше невозможен. Поради општата состојба на Балканот, за Република Македонија е од големо значење влегувањето под чадорот на НАТО, рече Гаши.

Претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, даде поддршка на членството во НАТО како правичен процес. Притоа, тој побара за албанскиот јазик во Уставот да не се употребува јазикот што го зборуваат над 20%, затоа што тие не се ниту процент, ниту број. Во контекст на последните тенденции за амнестија за случајот од 27 април, Села заклучи дека патот кон ЕУ и НАТО не е компромис со криминалот.

САД го имаат спасено Регионот од работ на провалијата. Балканот во ЕУ и НАТО ќе го отргне синдромот на балканизам. Да ја изградиме оваа земја од почеток, со владеење на правото, независно судство и посветеност на меѓуетничките односи, рече во своето обраќање пратеничката Мерал Узеири-Ферати, како претставник на ДПА.

Своја поддршка кон Преспанскиот договор даде и претставникот на БЕСА, Фадил Зендели, со цел да се надминат бариерите и да се отвори евроинтегративниот процес. Во дебатата за уставните измени, тие учествувале со свои барања во врска со Албанците во функција на општество за сите.

Заменик-државниот секретар Саливан истакна дека пратениците имаат моќ и одговорност за носење сериозни политички одлуки од кои зависи иднината на нивната земја.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: За малку тепачка во Собрание меѓу Апасев и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски

Втор ден амандманска расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Почнува амандманска расправа за Предлог – буџетот за 2025 на Комисијата за финансирање и буџет

Продолжува комисиската расправа за Предлог – буџетот за 2025 година

Почнува комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Собранието го одобри Предлог на законот за дополнување на Законот за градежно земјиште