Континуирано се работи на расчистување околу ОХИС, тврди МЖСПП, за О2 Иницијативата интензитетот на решавање на проблемот е многу далеку од потребниот

Од:

Во континуитет се работи на расчистување на околината на поранешната фабрика ОХИС, каде се депонирани голем број на отровни материи, се вели во одговорот на Министерството за животна средина и просторно планирање за МИА во врска со состојбата со лиданот во поранешниот хемиски гигант. ОХИС и линдатот се уште се горлива тема, со оглед на тоа што според проценките околу 50 илјади тони линдан биле закопани на малата и големата депонија во ’70-те и ’80-те години на минатиот век, кои се закана за здравјето на жителите на главниот град, но и за воздухот, водата и почвата.

Според претставниците на О2 Иницијативата, пак, интензитетот на решавање на проблемот е многу далеку од потребниот за расчистување на штетините материи кои се сериозна опасност по здравјето и животот на граѓаните, во текот на целата година и во сите временски услови.

Од МЖСПП за МИА истакнаа дека проценетите финансиски средства согласно Физибилити студијата за комплетно чистење на линданот од двете депонии во ОХИС е 50 милиони евра.

– Како обврска на државата остана чистењето и ремедијација на малата и големата депонија со линдан. „Отстранување на техничките и економските бариери за започнување на активности за чистење на локациите контаминирани со α-HCH, β-HCH и γ-HCH (линдан) во ОХИС“, е проектот одобрен од Глобалниот еколошки фонд (GEF) и имплементиран преку UNIDO, во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање и се однесува на чистење на малата депонија, наведоа од МЖСПП.

Од Министерството посочија дека во рамки на реализација на проектот, УНИДО склучил Договор со избраниот најдобриот понудувач – грчката фирма Полиеко, за чистење на линданот од дел на малата депонија во ОХИС и третман надвор од државата.

– Во процес е постапка за одобрување на Планот за ремедијација. Имено, компанијата Полиеко веќе го достави Планот за ремедијација кој е разгледан од страна на меѓународна консултанска компанија ангажирана од УНИДО и од службите на Министерството за животна средина и просторно планирање и за кој се доставени коментари и забелешки. Во меѓувреме, компанијата го ревидираше Планот за ремедијација согласно забелешките и по трикратна ревизија согласно забелешките истиот е доставен до МЖСПП. Се очекува во најскоро време да се достави финалниот План за ремедијација за кој МЖСПП треба да издаде согласност. По добивањето на согласност и дозволите согласно Базелската Конвенција за транспорт на опасен отпад, компанијата Полиеко ќе може да започне со подготвителните активности на терен потребни за безбедното чистење на линданот, додадоа од МЖСПП.

Од Министерството истакнаа дека се очекува најдоцна до крајот на овој месец по добивањето на сите одобренија и дозволи за работа на терен, да се започне со процесот на отстранување на дел од малата депонија, кој би траел околу 6-9 месеци и со кој процес би се отстраниле првите количини (~ 700 тони) на почва контаминирана со HCH и чист HCH отпад.

– Една од клучните цели на проектот е обезбедување одржливост на целата операција на чистење, до конечна елиминација на HCH отпадот во ОХИС. Затоа, Министерството за животна средина и просторно планирање ги разгледува можностите и во тек е на преговори за обезбедување на дополнителни средства со кои ќе се продолжи со процесот на деконтаминација на останатиот HCH контаминиран материјал во кругот на ОХИС, нагласија од МЖСПП.

Од Министерството посочија дека формиран е посебен Мулти партнер фонд за животна средина, кој ќе биде администриран од UNOPS, наменет за чистење на останатата контаминација во ОХИС.

– Веќе се обезбедени дополнителни средства од норвешката Влада и предвидени се средства од ИПА 3 програмата, со што ќе се овозможува континуитет во чистењето на депониите со HCH во кругот на АД ОХИС Скопје, наведоа од МЖСПП.

Од О2 Иницијативата за МИА истакнаа дека добро е што е отстранет еден дел од отпадот, но, како што нагласија, останува нерешен најголемиот проблем, линданот во големата и малата депонија во кругот на ОХИС, но и третата локација, Пеленица, која е во непосредна близина на ОХИС и за која има сознанија дека е исто толку опасна како и двете во кругот на фабриката.

– Не станува збор за континуиран процес кој се одвива неколку децении, со некои потешкотии, кој водел до целосно чистење и води до резултати, па ние, како граѓани, да бидеме задоволни. Кој може да биде задоволен ако конечно, после години, децении, континуирани апели за чистење на околината на ОХИС, некој конечно помрднал неколку милиметри во вистинската насока. ОХИС е огромен проблем, присутен со децении, се работело по нешто, маргинално, но генерално овој дел од градот се уште претставува сериозна опасност по здравјето и животот на граѓаните, во текот на целата година и во сите временски услови, потенцираа од О2 Иницијатива.

Од Здружението посочија дека уште во рамки на Барањата од Зелен Фронт барале почнување на процесот на санација и ремедијација на сите жешки точки, вклучително и ОХИС.

– Баравме од Министерството за животна средина и просторно планирање да објави акциски план за секоја од жешките точки, со рокови, буџет, со основни информации за типот на загадување, количините, главните опасности, да се изработат студии, статус на преземени и преостанати активности, до целосна санација и комплетна ремедијација. Веројатно знаете, дека нема ништо од тоа, наведоа од О2 Иницијатива.

Од таму додадоа дека до сега требало на тендер да се избере и јавно да се објави изведувач кој ќе работи на чистењето на депониите.

– Постојано, со години има само најави, но никако да се премине кон реализација. Ние постојано прашуваме, притискаме. Делумното решавање на проблемот, всушност не е решение, само привремено создавање атмосфера дека нешто е решено, додека всушност, јадрото на проблемот не е ниту чепнато. ОХИС останува да биде една од 16 жешки точки во државата, а овој интензитет на решавање на проблемот е многу далеку од потребниот, заклучија од О2 Иницијатива.

Од МЖСПП истакнаа дека во однос на обврската на државата за отстранување на историскиот неидентификуван хемиски отпад од кругот АД ОХИС Скопје, дека и последната количина од околу 4,6 тона иницијатори и 5,2 тони хемикалии со непознат состав е отстранета, безбедно препакувана и испратена за уништување во Франција. Со тоа, како што посочија, комплетно е завршен проектот „Безбедно отстранување на хемиски материи од локации и производни погони во кругот на АД ОХИС Скопје“.

– Во рамки на овој проект, МЖСПП имаше обврска да изработи упатство за процесот и начинот на изведување на обрските на ЕКО ЦЕНТАР 97 ДООЕЛ и СИРИУС СТАР БГ ООД за вршење на услуга за отстранување, дислокација, уништување или неутрализација на хемиски материи од локации и производни погони од кругот на АД ОХИС Скопје во стечај за што е одобрен Елаборат за заштита на животната средина. Целиот процес согласно пропишаните мерки во Елаборатот го следеше Државниот инспекторат за животна средина. Земајќи предвид дека во Република Северна Македонија, нема инсталација за третман и уништување на отпадните хемикалии складирани во АД ОХИС Скопје, истите мораа да се извезат надвор од државата, додадоа од МЖСПП.

Од Министерството наведоа дека и покрај отежнатите услови за транспортирање предизвикани од пандемијата со вирусот КОВИД 19, сепак изведувачот ги обезбедил сите потребни дозволи за извоз на опасниот отпад, согласно Базелската конвенција.

– Во тој процес се отстранија околу 80 т историски отпад и тоа : 25 тони акрилонитрил мономер (крајна дестинација за отстранување, Базел „SUEZ“ Германија), 15 тони отпадна хемикалија со непознат состав, отпаден терет-бутил хидропероксид, иницијатор перкабокс амин, иницијатоер преоксан БЦЦ и иницијатор бутилхидропероксид 70 проценти. (крајна дестинација за отстранување TREDI SA, Франција), 84 буриња (15.120 кг) отпаден метанол (крајна дестинација за отстранување во Бугарија), 13,5 тони винилхлорид мономер (крајна дестинација за уништување, Базел „SUEZ“ Германија) и 4,6 тона иницијатори и 5,2 тони хемикалии со непознат состав ( Франција), наведоа од МЖСПП.

АД ОХИС, чија дејност била производство на пестициди, киселини, детергенти, ПВЦ-пластика, бои и лакови, е во стечај. Фабриката во ’70-те години од минатиот век произведувала и хексахлорциклохексан (ХЦХ) кој има пет изомери. Гама изомерот на ова органско соединение е всушност линданот, кој тогаш се користел како инсектицид. Во 2009 година според Стокхолмска конвенција за отпорни органски полутанти производството на оваа супстанца е забрането, а Северна Македонија е една од потписничките на Конвенцијата. Линданот денес е забранета за употреба во повеќе од 50 земји. Според Светската здравствена организација оваа супстанца се смета за умерено токсична и меѓународната трговија со оваа супстанца е забранета и е регулирана со Ротердамската конвенција.

Би можело да ве интересира

Се извезуваат последните контејнери контаминирана почва од ОХИС од „ЛОТ“ 3, почнува извозот од „ЛОТ“ 4

Едукативна кампања на Центарот за одржлив развој „Алка“ за зачувување на животната средина

Орце Костов

Државата е еден од најголемите загадувачи: Над 700 институции користат греење со кое го трујат воздухот, најголем дел се во училишта и градинки

Орце Костов

Шукова: Граѓаните да користат суво дрво, 45 отсто од загадувањето доаѓа од домаќинствата

Орце Костов

Чебрен пропадна: Грчката компанија не можела да подигне кредит од банка за да гради

Орце Костов

Воздухот енормно загаден, а пратениците одбиваат амандмани за Буџетот со кои ќе се намали аерозагадувањето

Орце Костов