Конференција за спречување корупција во општините

Од:

За спречување на корупцијата во Македонија одговорен е секој јавен службеник. Вредностите кои ги бараме и сакаме се одговорност, еднаквост, совесност, владеење и почитување на правото или со еден збор интегритет, личен и професионален. Ова е пораката од денешната конференција-„Ден на интегритетот – спречување на корупција и судири на интереси во единиците на локалната самоуправа“, во организација на ЕУ во Скопје. 
Министерката за локална самоуправа Ширет Елези смета дека ако корупцијата ги нагризе институциите и ги поткопа демократските вредности тогаш, како што рече, системот станува нефункционален, граѓаните ја губат довербата, а властите легитимитетот. 
– Во последната владина Програма за локален развој и децентрализација 2015-2020, во делот за добро управување, предвидени се повеќе активности кои ќе ги подигнат стандардите на локалните власти и на администрацијата за транспарентно и отчетно управување со јавните работи, пред се со јавните финансии на локално ниво, рече Елези.
Првата специфична цел во Програмата, како што рече, е зголемување на капацитетот на локалната администрација и зајакнување на владеењето на правото на локално ниво, вклучително и намалување на корупцијата.
– Очекуваниот резултат е отчетна и деполитизирана јавна администрација, која го почитува принципот на заслуги и на транспарентен и партиципативен начин обезбедува поефикасни и поквалитетни јавни услуги за граѓаните и деловните субјекти, рече Елези. Додаде дека се потребни политичка волја, едуцирана локална администрација и информирани граѓани. 
Министерката за локална самоуправа информира дека е изработен етички кодекс за органите на локалната власт и додаде оти секоја општина еднаш годишно дава писмен отчет пред граѓаните, преку доставување извештаи лично до жителите на општината.
Словенечкиот амбасадор во Македонија Бранко Раковец информира дека антикорупциската политика е врвен приоритет за Македонија.  
–  Корупцијата ја поткопува довербата во јавните институции и во политичките процеси. Корупцијата не е причина, туку пред се последица на пошироките општествени аномалии. За настанување на корупцијата мора да бидат создадени системски услови кои тоа и го овозможуваат-слаба регулатива, слабо водење и контрола и недостиг на одговорност, рече Раковец. Додаде дека борбата против корупцијата само со кривичното право не е возможна. 
Според него, неопходно е да се промени менталитетот и да не се прикриваат недостатоците во јавниот сектор, како на централно и локално ниво. 
Евроамбасадорот Аиво Орав истакна дека не постои држава во светот која е имуна на корупцијата.
– ЕУ е посветена да ги поддржува вашите напори и напорите на Македонија во оваа насока. Веруваме дека скоро усвоениот Закон за заштита на укажувачите ќе послужи за зајакнување на кредибилитетот на институциите, рече Орав. 
Претседателот на Државната комисија за спречување на корупција Игор Тантуровски информира дека во соработка со УНДП, во текот на 2014 и 2015 година продолжиле со промовирање и потпишување на антикорупциската политика, политика на интегритет на локално ниво.  
– Досега 47 општини во Македонија ја имаат потпишано оваа антикорупциска политика. Во текот на 2014 година со поддршка на ОБСЕ беа реализирани обуки за внатрешните ревизори на општините за практична примена на Старетегијата за управување со ризици, рече Тантуровски. 
Тој информира дека во тек е изготвување методологија за проценка на ризици од корупција, која подоцна може да претставува надополнување на Стратегијата и Регистарот на ризици, согласно Законот за јавна-внатрешна финансиска контрола. Најави дека во следниот период ќе одржуваат обуки во општините.
Конференцијата е дел од проектот „Поддршка за ефикасна превенција и борба против корупцијата“. Проектот, поддржан од ЕУ со 1,4 милиони евра, ќе се спроведува од јули до октомври годинава, а целта е подобрување на правната и институционалната рамка за борба против корупцијата, како и јакнење на системот за менаџирање на судирот на интереси. 

Би можело да ве интересира

Корчок: Се надевам дека преговарачката рамка ќе биде усвоена за време на португалското претседателство

Димитров и Османи во Брисел на средби со Борел и Лајчак

Португалското претседателство со ЕУ ќе настојува да почнат преговорите со Северна Македонија

Вицепремиерот Димитров ја потпиша Рамковната спогодба за превод на правото на ЕУ

СДСМ: Најавата на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да го признае пописот е доказ за антидржавно и деструктивно однесување

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Пендаровски: Не смееме да ги заборавиме скапо платените лекции, мора да сме системски подготвени за следната криза