Конференција за реформите во воспитно-образовниот систем

Од:

Дали воспитно-образовниот систем во Македонија може да се соочи со предизвиците на современиот свет, дали професиите добро се планираат, дали училиштата и факултетите се компатиблни со европските образовни системи и дали правилно располагаме со човечките ресурси – се некои од прашањата кои беа отворени на научната конференција „Реформите во воспитно-образовниот систем во Република Македонија“.

Ja организираше Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет во пресрет на 24 Мај – Денот на просветителите Кирил и Методиј и патронатот на Скопскиот универзитет.

Раководителката на Институтот за педагогија, проф. д-р Анета Баракоска, истакна дека денешните педагози имаат задача да се соочат со многу предизвици и да најдат одговори на  прашања за начинот на кој треба да се спроведуваат реформите во воспитно-образовната практика. Промените во образованието, рече таа, станаа приоритетна општествена задача зашто знаењето е пресуден фактор за општиот економски развој.

– Еден автор во едно дело вели дека конкурентската моќ на една држава не започнува ниту во фабриката, ниту во лабораторијата, туку во училишните клупи, рече Баракоска.

Конференцијата ја поздрави ректорот на Скопскиот универзитет Велимир Стојковски, кој посочи дека реформите секогаш треба да ја следат јасната визија каде одиме и дека тие мора да бидат во интеракција и корелација со реформи во другите системи, како науката, културата, индустријата, технолошкиот развој… а сето тоа да биде дел од поширок контекст – европскиот образовен простор.

– Ова не е едноставно, од аспект на тоа што Болоњскиот систем на студирање во високото образование  ги покажа своите предности и недостатоци. А кога зборуваме за него, мора да бидеме искрени, дека за голем дел од промените кои не се покажаа позитивни, виновни сме и самите ние, вулгаризирајќи ги болоњските реформи и сфаќајќи ги и прифаќајќи ги премногу ограничено и според сопствените убедувања и перцепции на оваа европска реформа, рече ректорот на УКИМ.

Проф. д-р Сузана Миовска-Спасева од Институтот за педагогија смета дека глобалните реформски трендови треба да се следат, но не да се пресликуваат и присвојуваат во  готова форма и со голо трансплантирање, туку добрите образовни практики да се прилагодат во домашен контекст. Мора да има и координираност за да се избегне расчекор меѓу  образовната политика и непосредната воспитно-образовна практика.  Во реформата деветгодишно образование, според неа, главен недостаток е што таа е преземена без доволна подготвеност, иако  била позитивно искуство во земјата од која е преземена (Словенија).

– Ги доведовме децата во ситуација да работат во услови кои можеби не се најсоодветни за нивната возраст. Расчекорот е во смисла што направивме редистрибуција на наставниот кадар – ги воведовме воспитувачите да работат со предучилишни деца, а притоа не го решивме нивниот статус – на кого припаѓаат. Има еден куп работи коишто можеа да бидат направени подобро и се надевам во наредните години тоа ќе се подобри и ќе имаме подобро деветгодишно  реформирано основно образоване отколку кога го почнавме, изјави Миовска-Спасева.

Илија Ацевски од Катедрата за социологија проблемот го гледа во  постојаните промени кои се состојат од почнување и прекинување на реформски програми. Тоа, рече тој,  трае подолго време, уште од 1990-тите години, кога образованието не ја нашло својата позиција во системот.

– Влезени сме во еден циклус кој трае долго време – преклоупување на програми – ќе почнеме со една и треба веднаш друга да применуваме. Тоа создава една забуна и практично не ги знаеме искуствата на онаа програма што сме ја донеле. И тука е целиот проблем, зашто ефектите ќе се видат ако една програма се истера докрај. Тоа се случува особено со високото образование… Најголем дел од реформите се некако лабораториски, кабинетски. Тие тргнуваат од добри намери но кога ќе ги спуштите на ниво на реализација, се добива нешто во кое бргу  се разочарувате. Треба во некој проблем да се издржи и докрај да се види негативната страна. Овде правиме нешто, гледаме некоја реакција, веднаш го менуваме и правиме нешто уште полошо, изјави Ацевски.

Би можело да ве интересира

Вработените на петте јавни универзитети на мирен протест побараа потпишување на колективен договор и изедначување со УКИМ

Горан Наумовски

Ристов: Непочитувањето на колективен договор на УКИМ е кршење на принципот на владеење на правото

Ќе се зголемува школарината за студентите: Предлогот за поскапување испратен до студентските собранија

Орце Костов

МОН: Поради голем интерес до 25 декември може да се аплицира за финансиска поддршка за учениците

Професори од УКИМ бараат пријавата против ректорката Ангелова да биде приоритет за Антикорупциска

Катерина Ѓуровски

Професори од УКИМ поднесоа пријава до Антикорупциска против рекорката Биљана Ангелова