Поширока примена на поедноставните царински постапки од страна на бизнис заедницата на ниво на регионот, заживување на електронското, наспроти хартиеното работење во трговијата, пристапност на земјите од регионот до Конвенцијата за заедничка транзитна постапка за користење на бенефитите од новиот компјутеризиран транзитен систем, како и поголема соработка со ЦЕФТА комитетот за олеснување на трговијата, се четирите барања што ги испорача денеска Стопанската комора на Македонија на регионалната конференција за поедноставување на царинските постапки.
Како што рече претседателот на Комората Бранко Азески во обраќањето, Комората од институциите бара и да се заложат за борбра против митото и корупцијата зашто во спротивно, олеснувањето на трговијата во регионот нема да се придвижи ниту еден чекор напред.
– Олеснување на трговијата нема да има се додека не се елиминираат митото и корупцијата. Институциите да се заложат за откривање на причините на ваквата појава и за нејзино целосно искоренување, истакна Азески.
Според него, причините за митото и корупцијата се многу добро познати, но мерките што се преземаат не се доволно радикални за нивно отстранување.
– Коренот на најголемото зло на Балканот се митото и корупцијата. Сите се правиме недоветни, дека тоа не го знаеме и, наместо да зборуваме за причините, се занимаваме со последиците. Јавно ги повикувам институциите да се заложат за откривање на причините на оваа појава што не подјадува сите, а причините се многу јасни и можете да ги видите секаде. Редици автомобили, камиони, блокади на границите,… Тоа со години трае зашто некој наметнува такво темпо, бидејќи има лукративен интерес, посочи Азески.
Тој смета дека ЦЕФТА, а сега и Берлинскиот процес се сериозни алатки за постигнување економски напредок во регионот. Тие, предочи, имаат јасна цел, стабилен финансиер и персонал кој може да ги реализира што се клучни елементи за освојување нови пазари, интензивирање на меѓународната соработка и олеснување на трговијата.
И министерот за економија Дритон Кучи се согласи дека ЦЕФТА е еден од најдобрите договори за економијата во регионот и како механизам ќе овозможи негово побрзо интегрирање во ЕУ.
– Затоа земјите-членки на ЦЕФТА треба да овозможат непречено и побрзо движење на стоките. Оттука, хармонизацијата на царинските прописи се императив на Република Македонија во рамки на годишните програми на ЦЕФТА, како и во рамки на Стратегијата на ЈИЕ 2020, рече Кучи.
Македонија, додаде, има усогласена царинска законска регулатива со царинските прописи во Европската унија и е меѓу првите членки на Светската трговска организација што ја ратификуваше Спогодбата за олеснување на трговијата.
– Спогодбата може да ги намали трошоците за тргување до 10 проценти за развиените земји и до 15 отсто за земјите во развој, како и да овозможи поддршка на порастот на извозот во земјите во развој за околу 20 отсто. Затоа Спогодбата за олеснување на трговијата е наш приоритет – за да се развијат неопходните инструменти за прашањата од областа на трговијата како поддршка на бизнис секторот, истакна министерот.
Во однос на барањето на компаниите за отворање нови царински терминали на граничните премини Јажинце и Блато, Кучи информира дека веќе се во тек интензивни разговори со Царинската управа.
Македонската царина, како што соопшти директорката Наташа Радевска Крстевска, работи по исти стандарди како и вкупно три илјади царински испостави низ цела Европа, а тоа значи не само олеснување на трговијата, туку и привлекување нови инвестиции. На терминалите, нагласи Радевска Крстевска, увоз и извоз се реализира во секое време, а престојот додека трае целата постапка е бесплатен.
– Царинската управа континуирано презема мерки за олеснување на царинските постапки, постојано е во контакт со бизнис заедницата и ги спроведува неопходните реформи, посочи директорката.
Регионалната конференција „Поедноставување и хармонизација на царинските постапки во регионот“ е организирана со поддржана на ЦЕФТА-ДИХК партнерскиот проект.