Некорумпирана администрација мора да биде цел на секоја демократска држава во која владее правото. Корупцијата ја разнишува вербата во легитимна, транспарентна и одговорна администрација, негативно влијае врз економијата на земјата, нејзиниот развој и просперитет, го загрозува принципот на владеењето на правото, а од штетата што ја предизвикува без исклучок страдаат граѓаните и јавниот интерес.
Ова се пораките од денешната конференција по повод завршувањето на двегодишниот твининг проект „Поддршка за ефикасна превенција и борба против корупцијата“ што ја организира Државната комисија за спречување на корупцијата.
Како што беше речено, покрај поткупот, еден од најпрепознатливите синоними за корупцијата е и злоупотребата на јавните средства, суми кои често се многукратно повисоки од поткупот.
– Напредок на земјата е можен само ако сите важни општествени групи и поединци и кажат „не“ на корпуцијата и останат будни за неа, само доколку политичарите објават нулта толеранција кон корупцијата, корупциските практики и коруптивното работење, а првата можност за тоа е формирањето на кандидатската листа за пратеници за претстојните парламентарни избори, истакна евроамбасадорот Самуел Жбогар.
ЕУ, додаде, постојано ги разгледува правните системи и механизми за борбра против корупцијата, владеењето на правото и принципите на интегритет, а тоа го бара и од земјите кои се стремат да стант членки на Унијата.
– Борбата против корупцијата е едно од главните барања за пристапување кон ЕУ. Скорешните извештаи покажуваат дека земјите-кандидатки страдаат од слаб капацитет и недоволна независност на судството, на институциите и органите за спроведување на законите, на слободата на медиумите и им попречуваат на напорите за спречување на корупцијата, подвлече Жбогар според кој, колку е покорумпирана некоја земја, толку е посиромашна и понестабилна.
Евроамбасадорот укажа дека согласно резултатите од проектот, земјава е подготвена да се бори со корупцијата. – Активностите кои беа спроведени, ги зголемуваат вашите капацитети за борба против корупцијата. Се надеваме дека интелектуалните и материјалните придонеси ќе доведат до попаметна и построга борба против корупцијата. Затоа, најпрво е неопходно антикорупциските случаи да бидат спроведувани во судскиот систем, кој, пак, треба да биде кооперативен во неговата работа. Поддршка треба да има и од медиумите, невладините организации и општеството генерално, рече евроамбасадорот.
Корупцијата е едено од најголемите зла на денешното време, предизвикува сиромаштија, нееднаквост, неправда, нестабилност и конфликт, поттикнува јавно незадоволство и конфликти. Затоа, предочи Жбогар, ЕУ обрнува особено влијание на овој процес.
Според германската амбасадорка Кристине Алтхаузер, Македонија се соочува со длабока, долготрајна политичка криза која може да се реши само со владеење на правото.
– Судството е дел од овој ендемски предизвик, правната отчетност претставува основен дел од демократијата и владеењето на правото. Без тоа не може да постои трајно решение на кризата. Обвинителскиот систем треба да работи во интерес на граѓаните, а тоа значи да ги санкционира сторителите и да заплени незаконски стекнат имот, истакна Алтхаузер.
Амбасадорката нагласи дека ги охрабрува претставниците на граѓаните во Парламентот да ги поддржат напорите на Специјалното јавно обвинителство и да овозможат еднаква правда за сите. – Во оваа насока е важно политичкото лидерство да одлучи, подвлече Алтхаузер.
Заменик-претседателот на германската Сојузна служба за администрација Волф Швердтфегер укажа на нужноста од зголемување на свеста кај јавните службеници за спречување на корупцијата.
– Тоа мора да им биде јасно на сите вработени во јавниот сектор, а за тоа е потребна постојана едукативна работа. Спречувањето на корупцијата мора да се спроведува од горе надолу. Тоа се трајни напори, а целта е да се зголеми довербата на јавноста во интегритетот на јавната служба, рече Швердтфегер.
Проектот „Поддршка за ефикасна превенција и борба против корупцијата“, вреден 1,42 милиони евра, се спроведуваше од јули 2014 година. Резултираше со изготвување софтверски решенија за прибирање податоци и нивно автоматско процесуирање, прирачници за конфискација на имот, менаџирање на конфликти, финансирање на политичките партии,… Време е, како што напоменаа поддржувачите на проектот, локалните институции да ги применат во пракса сите овие препораки за да го зајакнат владеењето на правото во земјата.
На конференцијата присуствуваа и претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата Игор Тантуровски кој имаше воведно излагање, проектниот лидер Холгер-Михаел Арндт, претставници на државни институции, стопански комори и праеници.