Комората на сметководители на Македонија при Сојузот на стопански комори денеска обезбеди дигитален пулт за бесконтактно мерење температура и за дезинфекција за Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле.
Според ССК, дигиталниот пулт е целосно безбеден, прецизен и едноставен за употреба, а делува за превенција од ширење вируси и други заразни болести. Опремен со термални камери кои ја мерат температурата на човекот на растојание до еден метар, имаат вграден систем за детекција на лицата и вграден автоматски систем за безконтактна дезинфекција на раце. Уредот има капацитет за 600 корисници за еден час и значително ќе помогне за спречување на вируси и бактерии во Институтот каде примарни пациенти се деца.
-Дигиталниот пулт кој денеска е поставен во Институтот покрај превенција од ширење на КОВИД-19, ќе овозможи и висока контрола на здравствената состојба на лицата кои влегуваат во здравствената установа, со оглед на неговата мултифункционалност за дезинфекција и мерење на температура, како и детекција на лицата кои влегуваат со можност да бидат препознаени и со заштитна маска. Подобрување на условите особено во установи како оваа каде е приоритет заштита на здравјето првенствено на децата, е приоритет во општествената одговорност за Комората на сметководители. Солидарноста во услови на здравствено-економска криза е од голема важност и придонесува за потенцирање на вредностите и она што е важно за секој од нас“, изјави Бране Попоски, член на УО на Комора на сметководители.
Директорот на Институтот д-р. Ангелчо Андоновски, истакна голема благодарност до Комората на сметководители при Сојузот на стопански комори, кои во услови на здравствено-економска криза го поддржуваат македонскиот здравствен систем и несебично придонесуваат за зајакнување на здравствените капацитети. Андоновски додаде дека ова е нивна втора поголема донација, по неодамнешното поставување на Тунелот за дезинфекција на влезот на болницата, со цел значително да се намали можноста за внесување на вирусот во болницата.
ССК и неговите членови во изминатиот период организираа кампањи и акции за обезбедување опрема и помош за најранливите категории. Минатата недела беше реализирана донација од 85 респираторни машини кои претседателот на Градежната комора при ССК во име на четири компании ги донира на македонскиот здравствен систем во присуство на премиерот и министерот за здравство. Претседателот на комората на сметководители реализираше опрема на специјален пулт за дезинфекција при Институтот за белодробни заболувања кај децата.