Со пет гласа „за“ и ниту еден „против“ и „воздржан“ Комисијата за мандатно-имунитетни прашања го утврди предлогот за одземање на мандатот на екс-премиерот и пратеник Никола Груевски поради неоправдано отсуство во работата на Собранието повеќе од шест месеци.
Предлогот од Комисијата ќе биде ставен на дневен ред на наредната пленарна седница каде по расправата ќе се гласа за одземање на мандатот на пратеникот Никола Груевски.
Според Деловникот потребно е двотретинско мнозинство, односно 80 пратеници за да се одземе мандатот.
Пред гласањето на мандатно-имунитетната комисија по предлогот да се одземе мандатот на Груевски, се отвори мала расправа помеѓу пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и пратениците од владејачкото мнозинство. Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Невенка Стаменковска се повика на Уставот на РСМ, во кој се гарантираат основните човекови права и рече дека согласно ова, добиениот азил на Груевски не може да се смета како неоправдано отсуство.
„Деловникот дозволува пријавување на отсуство на пратениците, но вие со вашите репресивни мерки не дозволивте Груевски да се пријави како отсутен. Тој не ги исполнува целосно условите за одземање на мандатот. Да ги потсетам СДСМ и коалицијата дека Груевски не е бегалец, како што милуваат да го наречат туку лице кое има добиено политички азил од страна на земја членка на ЕУ во која повеќе се почитуваат човековите права, отколку овде“, рече Стаменковска.
На ова одговори заменик-претседателката на Комисијата, Снежана Калевска Ванчева, која кажа дека добро е што пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се повикуваат на Уставнот и Членот 65. кој вели дека на пратеникот треба да му се одземе мандатот доколку е осуден за кривично дело или е неоправдано отсутен шест месеци.
„Јас навистина не знам како имаме различно толкување на овој член. Изминаа шест месеци откако Груевски е отсутен во Собр. Ниту еден државен орган, ниту институција не го натера да отиде во Унгарија и да бара азил. Дали азилот се толкува како оправдано отсуство тоа ќе се остави на совеста на секој пратеник во Собранието. Фактите за неоправдано отсуство се повеќе од очигледни“, рече Снежана Калевска Ванчева.
Пред гласањето на самиот старт на денешната седница на Комисијата, членовите се расправаа дали да се додаде уште една точка на дневниот ред која се однесува на оставката на пратеникот Павле Богоевски. Овој предлог не беше прифатен, по што комисијата расправаше само за мандатот на Никола Груевски.
Претседателот на Собранието на РСМ, Талат Џафери на 15 мај упати известување до Комисијата за мандатно имунитетни прашања за неоправдано отсуство во парламентот на пратеникот Никола Груевски. Џафери констатирал дека експремиерот е отсутен од работата на Собранието од 14 ноември минатата година до 14 мај оваа година по што Комисијата почна да расправа по ова прашање. Во меѓувреме претседателот на Комисијата, Павле Богоевски најави оставка од пратеничката функција па наместо тој со Комисијата заседаваше заменик претседателката Снежана Калевска Ванчева.
Виктор Јованов