Комисија за дискриминација: Од 126 учебници за основно, на МОН не обезбедил 43 на стартот од учебната година

Од:

Од 126 учебници потребни за сите задолжителни и изборни предмети во деветгодишното основно образование, на почетокот на учебната 2023/2024 година Министерството за образование и наука не обезбедило 43, односно недостигаат 34 отсто учебници. По сите наставни предмети и на сите наставни јазици учебници ќе имаат само учениците во прво и второ одделение, соопшти денеска Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) врз основа на списокот со податоци што на нејзино барање бил доставен од МОН.

По минатогодишното доцнење на учебниците и констатацијата од КСЗД дека е направена продолжена дискриминација врз учениците, Комисијата во јуни годинава упати препорака до МОН да обезбеди учебници по сите наставни предмети и на сите наставни јазици најдоцна до 31 август и да достави писмен извештај.

Според извештајот што бил пратен од МОН, една третина од учебниците и оваа година не се обезбедени. Како што рече Весна Бендевска, член на КСЗД, утврдиле дека МОН не ја отстранило повредата на правото на еднаков пристап до квалитетно образование на поголема популација ученици од основното образование во зададениот рок (31 август), што било негова законска обврска.

-Со ваков недостиг на учебници, констатираната дискриминација не само што не е отстранета за оваа учебна година, туку е од многу поголеми размери од оние што Комисијата ги утврди на крајот на јуни 2023 година, истакна Бендевска.

Ги напомна меѓународните конвенции за право на образование, како и дека е тоа загарантирано со нашиот Устав, но со оглед дека КСЗД има надлежност да укажува, решение за неспроведената препорака, рече, е судската заштита од дискриминација.

На седница на Комисијата утре таа ќе извести за неисполнетата препорака и ќе се одлучува за евентуална судска тужба за случај од јавен интерес односно за системска и продолжена дискриминација на учениците. Тоа би било прв случај КСЗД да побара судска заштита како највисока заштита од дискриминација.

-Кога една препорака не е спроведена, Комисијата има обврска да покрене прекршочна пријава против утврдениот дискриминатор. Но, во овој случај станува збор за дискриминација на многу голема популација. Голем број ученици кои учат на различни јазици во основното образование остануваат без учебникот како основно средство за стекнување знаења и образување. Таквата форма на дискриминација, според законот, е структурна, системска, што ја прават институциите. Во таков случај Комисијата, согласно законот, има право да поведе пред суд тужба од јавен интерес против државните институции кои не ја отстраниле дискриминацијата, истакна Бендевска.

Таа го претстави извештајот добиен од МОН за статусот на сите учебници што се потребни во основното образование. За учебниците што недостигаат често била наведена формулацијата „во завршна фаза“, или „пред печатење“, или дека на објавен повик за учебници нема пријавено автори, или тие се „несоодветни според нормативот за наставен кадар“, а повици за авторски тимови за изработка на учебници МОН има објавувано и откако учебната година е почната.

Според извештајот, по ниту еден задолжителен предмети учебници ќе немаат учениците од шесто одделение – вкупно 10 наставни предмети за кои сѐ уште нема одобрување.

-Учениците од трето одделение ја почнуваат оваа година без ниту еден учебник по сите задолжителни предмети. Учебниците по македонски, албански, турски и босански јазик не се готови. Допрва следува нивно „печатење, преведување и дистрибуција“ што МОН го нарекува „завршна фаза“. Во истата фаза се и учебниците по природни науки и општество. Учебникот по српски јазик нема ни одобрение од Националната комисија. Учебник по математика ќе нема, ниту досега е распишан јавен повик за формирање авторски тим, а истиот ќе треба да се преведе и на сите други наставни јазици, соопшти Бендевска.

Вкупно 20 учебници по странски јазици, како прв или втор предмет во сите девет одделенија, сѐ уште немаат одобрение за употреба од Педагошката служба и сите, во извештајот од МОН, имале статус: „во напредна фаза на одобрување“.

-Ако се има предвид законската одредба дека јавниот повик за овие учебници трае од 10 дена до три месеци, Комисијата не може да утврди кога овие учебници би биле дистрибуирани до учениците, рече Бендевска.

Учебник по македонски јазик ќе немаат учениците кои настава следат на албански, турски, српски и босански од четврто, петто и од шесто одделение, иако тој е задолжителен предмет.

Учебникот за Историја и општество, кој беше повлечен во мај годинава поради крупни грешки, ќе го немаат ни годинашните петтоодделенци. Тврдењето на МОН, рече Бендевска, е дека ракописот од нов авторски тим бил во фаза на одобрување.

Проблематични се одделенијата за кои се работат нови наставни програми, и следствено нови учебници, согласно Концепцијата за основно образование од 2020-ра која до оваа учебна година етапно се примени до шесто одделени. Така што учениците од седмо, осмо и деветто одделение, кои сѐ уште не се опфатени со реформата, ќе учат по стари наставни програми и ќе ги користат старите учебници, освен учебникот по Географија кој, иако е одобрен, не може да се користи поради, како што навело МОН во извештајот, „проблеми со преносот на материјалните авторски права со авторот“

За предметот Историја за седмо одделение (два учебника), Историја за осмо и Историја за деветто одделение (два учебника од различни издавачи), МОН соопштило дека „во моментов не нарачува дополнителен тираж заради историската комисија“.

-Не можеме да утврдиме дали ова значи дека учениците ќе ги користат постоечките одобрени учебници по Историја или не, додаде Бендевска.

МОН не постапило на препораката од КСЗД од јуни годинава – по итна постапка да се направат измени Законот за учебници за основно и средно образование за да се упростат процедурите за изработка на учебници.

Во однос на одговорот од МОН дека за некои предмети нема интерес односно не се јавуваат автори на повиците за изработка на учебници, Бендевска укажа на членот 17-а од Законот за учебници, според кој ако на конкурсот не се пријави ниту еден автор со ракопис за учебник или ако конкурсот се објавува за предмет што се воведува првпат во образованието, министерот, по предлог на Педагошката служба, треба да формира авторски тим за изработка на ракопис за учебник.

Би можело да ве интересира

Бендевска: За ЗНАМ секој човек е важен и секој треба го добие своето место во системот во согласност во своите капацитети и вештини

Бендевска: Во Битола во последните два дена зголемување на членството за 20 отсто

Владата бара решение за оние кои платиле за нови возачки и сообраќајни

А1он

Комисијата за заштита од дискриминација со препорака за Акциски план за унапредување на правата на осуденичките

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Бендевска: Во Буџетот за 2014-та по седми пат граѓаните на Битола добиваат нула денари

Емир Латифовиќ