Командантот на силите на САД за Европа се сретна со министерката Шекеринска и со НГШ на АРМ Ѓурчиновски

Од:

Командантот на силите на САД за Европа, генерал-потполковник Кристофер Каволи, во рамки на својата прва официјална посета на Република Македонија, денеска во Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ, оствари средби со министерката за одбрана Радмила Шекеринска и НГШ на АРМ, генерал-мајор Васко Ѓурчиновски.

На средбата на генералот Каволи со министерката Шекеринска, на која присуствувал и Амбасадорот на САД, Џес Бејли, соопшти денеска МО, биле потврдени традиционално добрите односи меѓу двете армии и било изразено взаемно задоволство од соработката на планот на одбраната. Министерката Шекеринска се заблагодарила на континуираната поддршка на САД и ја нагласила важноста на стратешкото пријателство меѓу двете земји и неговото продолжување во духот на сојузништвото во НАТО каде Македонија наскоро ќе стане членка

На средбата помеѓу генералите Ѓурчиновски и Каволи, се разговарало за меѓусебната соработка и учеството на претстојните заеднички активности на АРМ и командата на силите на САД за Европа.

Притоа, генералот Ѓурчиновски искажал благодарност за 25 годишна извонредна соработка на АРМ со Вооружените сили на САД, како наш стратешки партнер, истакнувајќи го значењето на континуираната поддршка со изведување на заедничката обука и вежби предводени од оваа команда, за достигнатото ниво на способностите на АРМ според стандардите на НАТО.

Како пример на одличната соработка во оваа област, стои во соопштението, била истакната претстојната заедничка вежба „Одлучен удар” која ќе биде досега најголема меѓународна вежба во Република Македонија. Во разговорот бил нагласен и придонесот на АРМ по минатогодишното зголемено учеството на свои припадници во мировните мисии, како и понатамошните планови за наше учество.

Генералот Кристофер Каволи, изразувајќи задоволство за остварените денешни средби со министерката Шекеринска и со генералот Ѓурчиновски, потенцирал дека извонредното партнерство помеѓу двете армии трае повеќе години – почнувајќи од соработката во Авганистан и во Косово, преку Програмата за државно партнерство со Националната гарда на Вермонт, што датира од 1993 година.

– Учеството и спроведувањето на напорни и реални обуки со сојузнички и партнерски војски, дава можност на војниците од нашите две земји да ја зголемат подготвеноста и интероперабилноста, и да се стекнат со нови вештини и идеи. Посветени сме да го продолжиме ова големо партнерство и заедно, ќе останеме решителни и транспарентни во нашите цели за одвраќање на конфликти и помагање да се обезбеди мир во Европа, рекол Каволи, се подвлекува во соопштението.

Генералот Каволи по одржаните средби, на состанок на кој учествуваше дел од клучниот персонал на АРМ се запозна со актуелниот процес на трансформација и планот за опремување на АРМ, како и со деталите за учеството на АРМ на заеднички вежби во текот на 2019 година. Во контекст на соработката се истакна фактот дека оваа година преку 1000 припадници на АРМ ќе учествуваат на 10 здружени меѓународни вежби предводени од командата на силите на САД за Европа.

Како позначајни активности во кои ќе учествува персонал од АРМ со командата на силите на САД за Европа, покрај вежбата „Одлучен удар”, значително ќе биде и учеството на персонал од АРМ на вежбата „Saber Junction“ во СР Германија.

Би можело да ве интересира

Независниот синдикат на професионални војници поднесе кривична пријава против Славјанка Петровска

Катерина Ѓуровски

Уставниот суд ја укина забраната за вршење верски обреди во објектите на македонската армија

А1он

Сиљановска – Давкова: Најсилната страна на Армијата е човечкиот капитал

Раскинат е договорот со фирмата што ја снабдуваше АРМ со храна, по труењето на 60 војници

Мисијата на ОН во Либан во која има и македонски офицери го одби барањето на Израел да напушти дел од позициите

Катерина Ѓуровски

Оброците за АРМ се 100% исправни, соопшти фирмата која ја подготвува храната