Смртта на малата Тамара Димовска од Велес, која ја потресе земјава, отвори многу прашања за сите што бараат помош за лекување од Фондот за здравствена заштита (ФЗО). Колку луѓе има на списокот на ФЗО што чекаат помош за лекување во странство? Дали може на некој начин да се забрза процедурата и да се избегнат ситуации како таа со Тамара? Дали некој ќе ја сноси одговорноста за животот на починатото девојче? За жал, и по два дена, од ФЗО на овие прашања не добивме одговор.
Но, според податоци што се достапни во нивните годишни извештаи, може да се види дека во 2013 година (последен извештај) пари за лекување од ФЗО побарале 277 лица, а позитивни одговори добиле 148 граѓани, на 17 им биле одобрени или признаени дополнителни средства за лекување во странство, додека 129 граѓани биле одбиени. Во извештајот пишува дека осигурениците чии барања за лекување во странство биле одбиени од комисијата поради тоа што не биле исцрпени можностите за лекување во постојните здравствени установи во Македонија или поради тоа што не постоеле можности за успешно лекување на заболувањето во странство, имаат можност да поднесат жалба до Управниот одбор на ФЗО.
Деца, тинејџери, постари и помлади граѓани, вкупно 29 на број, на страницата „донации.мк“ бараат сограѓаните да им помогнат во борбата за живот. Може да се најдат барања за помош за операции за очи, тумори, ’рбетен столб, церебрална парализа и други повреди добиени во сообраќајни незгоди. На некои од овие граѓани, Фондот за здравствена заштита одбил да им помогне да заминат на операција надвор, па сега надеж гледааат во хуманоста на сограѓаните. Други, пак, дури не се ни обиделе да побараат помош.
Приказната за Јоце ја знаеме сите, речиси неколку години се пишува во медиумите, а исто толку време има отворено и банкарски сметки, телефони за донации и поставени кутии за донации во кафулињата. Слична е и онаа на Марга, која боледува од церебрална парализа.
На страницата каде можат да се најдат неколку десетици апели за помош, има и такви за дечиња што имаат само по неколку години, а не знаат како нивниот живот ќе заврши.
Ниту директорите на ФЗО ниту, пак, министерот за здравство, Никола Тодоров, не чувствуваат никаква одговорност за смртта на малата Тамара и немаат намера да понесат одговорност за овој трагичен случај.
– Чувствувам разочарување, но морам да објаснам дека не сум јас тој кој одолговлекувал. Кога слушнав за овој случај, кој навистина ме погоди, ја викнав директорката на Фондот и таа се заложи, се најдоа средства. Беше повикан еден од врвните хирурзи за спинална хирургија од Турција, кој рече дека операцијата не може да се изведе во Македонија и предложи да ја направи тим од експерти од различни болници во Турција. Терминот требаше да биде одреден овие денови, но, за жал, таа не издржа. Мислам дека сè што беше во моја моќ направив, дури и повеќе од тоа, но очигледно не било доволно. Жалам за овој немил настан – изјави вчера Тодоров, не споменувајќи оставка, иако тоа го побараа околу 10.000 граѓани на социјалната мрежа „Фејсбук“.
Со соопштение излегоа и од скопското Јавно обвинителство, од каде кажаа дека веќе е назначен јавен обвинител што ќе го истражува случајот на Тамара.
На социјалната мрежа се формираше и страница „Оставка на Никола Тодоров“, која доби голема поддршка од граѓаните. Уште истиот ден кога почина Тамара, се појавија и статуси со повици за донации со текст ’Да не дозволиме да ни се повотри „Тамара“’. Имаше и статус на девојка од Струмица која на својот фејсбук-профил напиша: „Три деца само во еден град или само толку знаеме. За сите нив државата досега не дала согласност, па собираме пари по донации, концерти и од куќа на куќа. Ако ви се вика, викнете погласно, оти во нивните семејства тивко се јачи“, е напишано под имињата и податоците за децата за кои е потребна помош.
Случајот на Тамара беше еден од најтвитаните во Македонија. Досега со „#Тамара“ има 818 твитови.
Досега ниту еден пратеник не покренал иницијатива да се предложи закон со кој би се намалиле овие процедури, иако сите се свесни дека поради бирократијата, многу луѓе што имаат потреба не добиле помош. На вчерашниот настан за промовирање на проектот „Дисперзиран логопед“, и министерот за здравство Никола Тодоров кажа дека, можеби, роковите за сретнување на комисиите се премногу долги, а не би требало да бидат такви кога станува збор за деца.
Постапката со која секојдневно се соочуваат родителите и граѓаните на кои им е потребна помош од ФЗО може да ја погледнете на овој линк.
Извор: Мета