Која е Јасна Мандиќ – соработничката на Боки 13?

Од:

Соработничката на Бојан Јовановски, познат како Боки 13, Јасна Ерцеговиќ-Мандиќ, која воедно е директорка на „1ТВ“ и еден од сопствениците на Меѓународниот сојуз, ретко се споменува во јавноста, иако нејзиното име е во тесна релација со бизнисите на Боки 13.

Меѓународниот сојуз засега официјално не е предмет на истрага во случајот „Рекет“, иако медиумите откритија повеќе спорни дејства околу начинот на кој се влевале пари за да се изградат европски центри за возрасни лица, потпомогнати од општини и државни институции.

Истрагата за „Рекет“ во скоро време најверојатно ќе се шири и за дело поврзано со оваа невладина организација, а веќе се сослушуваат бизнисмени и оштетени лица. Управата за јавни приходи во меѓувреме најави дека ќе ги проверува сметките на невладините и на фирмите кои се поврзани со Боки 13.

И кај Меѓународниот сојуз наводно под сомнеж се става начинот на кој биле добивани пари за изградбата на европски центри за возрасни лица, преку сметки на приватни лица.

Центри за возрасни, хотел на Халкидики и пари на приватни сметки

Името на Јасна Ерцеговиќ-Мандиќ првпат се појавува во јавноста пред 7-8 години кога таа заедно со уште седум лица го основа здружението на граѓани „Ресурсен центар“ на родители на деца со посебни потреби. Во 2018 година таа заедно со советници од Владата на Заев и претставници од министерства, како претставник на „Ресурен центар“ влегува како член во владиното Национално координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост во Република Северна Македонија.

Пет години по формирањето на „Ресурсниот центар“, во 2017 година се основа Меѓународниот сојуз кога Мандиќ првпат влегува во релација со Бојан Јовановски – Боки 13.

Во хотелот „Александар палас“ во јули истата година се одржа првата конститутивна седница – заедно еден до друг седеа Боки 13 како претседател на здружението, ексминистерката за труд и актуелна потпретседателка на Собранието, Фросина Ременски, како почесен претседател и Јасна Мандиќ како потпретседател. Таа тогаш изјави дека мисијата на Сојузот е револуционерни измени, кои му се потребни на општеството во поглед на хуманоста што треба да се истакне кон граѓаните на кои навистина им е потребна помош.

На седницата се обрати и претседателот на Сојузот, Боки 13, кој претставувајќи ја големината на оваа организација, рече дека Сојузот нема да претендира да биде паралелно министерство за труд и социјална политика, туку ќе дејствува и како ад хок тело, кое ќе им помага на луѓето што во моментот имаат финансиски проблем за некако лекување или елементарна непогода.

Од овие најави во јавноста не се видоа некои поголеми резултати. Две години подоцна, на веб-страницата на Меѓународниот сојуз, делот „проекти“ стои дека е во изработка, а последните активности се од декември 2017 година.

Во Меѓународниот сојуз со кој претседателствува Боки 13, еден од сопствениците е и Марија Јанковска, позната како Марија Цајс, сопруга на братот на Бобан Јанковски – Дајнерс, односно јатрва на министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.

Нашите информации говорат дека токму Мандиќ е одговорна за целата идеологија на Боки 13, особено во делот на хуманитарниот дел поврзан со работата на Меѓународниот сојуз. А токму овој сојуз е почетокот од работата, а телевизијата „1ТВ“ е натамошен продукт.

Но, Мандиќ не е позната само во делот на хуманитарната работа. На првиот крак во Грција, на Халкидик, покрај самата плажа се наоѓа хотелот „Ал маре“, со кој одамна раководи член на семејството на Мандиќ.

Луксузниот хотел, каде што, според нивната официјална веб-страница, спиење за двајца чини од 140 до 180 евра од вечер во текот на летната сезона, има 33 соби. Ако се разгледа профилот на хотелот на „Фејсбук“, може да се види дека во една од нив во јуни годинава престојувала и познатата водителка Лила Филиповска, блиска пријателка на Боки 13.

Сепак, најголемото внимание во јавноста сега е насочено кон Меѓународниот сојуз, каде што повеќе големи компании давале пари за изградба на европски центри за возрасни лица. „Телма“ веќе објави дека идејата за изградба на центарот за возрасни лица, трет во скопската населба Карпош, ја поддржала струшката фирма „Дрим билдинг“, и лани градежната фирма на потпретседателката на Сојузот на Боки 13, Мандиќ, ѝ исплатила 233 илјади евра со авторски договор.

Боки 13 и во Охрид, и во Битола и во Скопје се обидувал да дојде до ексклузивни и скапи локации и потпишувал меморандуми за соработки со Општина Карпош и градоначалникот Стефан Богоев и со министерот за транспорт и врски, Горан Сугаревски.

Пред неколку дена во Обвинителството сведочеше Лилјана Тодоровска, членка на Меѓународниот сојуз, на чија сметка бизнисменот Силјан Мицевски, сопственик на ГП „Пелистер“, на име авторски хонорар уплатил 720 илјади евра за проектот со центрите за возрасни. Тодоровска претходно изјави дека парите ги подигнала во кеш и ги дала на друго лице од Сојузот, без да прецизира за кого точно станува збор.

Битолскиот сопственик на ГП „Пелистер“ за „Телма“ изјави дека не бил рекетиран и верувал во идејата за модерен европски дом за пензионери во Битола и Охрид. Тој рече дека парите ги префрлил на име на пензионерката Тодоровска затоа што знаел дека тоа е нејзина идеја.

„Доколку не се реализра проектот, ќе барам поврат на парите што досега ги дадов“, изјави тој иако во договорот не е предвидена клаузула со пенали.

Јасна Мандиќ преку соопштение се огласи дека околу 950 илјади евра, кои се добиени од фирмите ГП „Пелистер“ и струшки „Дрим билдинг“, се користат за целите за кои се исплатени преку приватни сметки, односно за изградба на европски центри за возрасни лица. Но, таа не даде информација како се користат парите што се подигани во кеш од банка ниту, пак, дали некаде се уплатени.

Би можело да ве интересира

Маж од Битола и се заканувал и изнудувал пари од сограѓанка

Боки 13 ги отфрла наводите за пријавата за загрозување на сигурноста, демнење и лажно пријавување

Катерина Ѓуровски

Притворен рекетар од Скопје кој од жртвата барал 180.000 евра

Апелација ја укина пресудата за „Меѓународен сојуз“, случајот се враќа на повторно судење

Одбраната на Боки 13 бара укинување на пресудата за „Меѓународен сојуз“

Бојан Јовановски: Со оваа здравствена состојба не можам да бидам во затвор