Поранешниот претседател на Македонија Стево Пендаровски реагира на изјавата на екс министерот Њубомир Фрчкоски дека „мешетарел во СДСМ“.
– Во врска со изјавата на Љубомир Фрчковски дадена во емисијата “Во Центар” во која во негативен контекст го споменува моето име, сакам да го дадам следново појаснување: Изјавата е проблематична минимум на две нивоа: македонската јавност добро знае дека во моето 30-годишно бавење со јавните работи никогаш не сум “мешетарел” како многу други во чии кариери нема ништо друго освен задкулисни маневри и кафеанско озборување. Меѓутоа, многу поголем проблем е што изјавата е целосно одлепена од реалноста и фактите, што, за жал, се случува кај некои луѓе поради “квалитетот” на изворите со кои се дружат, вели во реакцијата Пендаровски.
Фрчковски ова го зборуваше во контекст на состојбата во СДСМ и наводните лоби групи кои „работеле за смена на Филипче“.
– Ме чуди тоа што мешетари Стево Пендаровски. Нема потреба од тоа. А мешетари без врска… Инаку, во кулоарите веќе подолго време се шпекулира дека Стево Пендаровски води некаква иницијатива за реформи во СДСМ и во опозицискиот блок, но до овој момент за тоа никој не проговорил јавно, рече Фрчкоски.
