Зоран Милески, или попознат како Зоки Кичеец прекарот го добива по родното Кичево, a во јавноста беше познат како човек близок до Сашо Мијалков, односно негов кумашин, како и до бизнисменот Орце Камчев. Откако го завршува Факултетот за туризам и угостителство во Охрид почнува да работи во ноќниот клуб „Арт плаза“, работи како шанкер и вратар, а сега е познат како сопственик на ресторанот „Арабеска“ во Скопје.
Пред да падне Владата на Љупчо Георгиевски, тој, според нашите извори, станува обезбедување во СДСМ, го напушта Охрид и заминува во Скопје како дел од партиското обезбедување.
По падот на власта на СДСМ во 2006 година Кичеец се зближува со Дејан Митрески – Урко, тогашно обезбедување на поранешниот премиер Никола Груевски, а оттаму се воспоставува и контактот со Мијалков и со Камчев.
Во 2013 година, врската меѓу Камчев и Кичеец почнува да се распаѓа, а за тоа сведочи и инцидентот во кафулето „Интермецо“ кога Орце е претепан од Кичеец.
Веднаш потоа, како што пишуваа медиумите, следувало и одмаздување, па Кичеец е начекан и претепан на паркинг од „силни момци“.
По извесно време, според нашите извори, откако тогашната опозиција на чело со Зоран Заев почнува да ги објавува таканарачените „бомби“, тој воспоставува блискост со СДСМ. Откако односите меѓу Мијалков и Камчев се нарушуваат, Кичеец останува близок со бизнисменот, но не и со поранешниот директор на УБК.
Премиерот Зоран Заев во изјава за „А1он“ вели дека само еднаш се сретнал со Милески, а во врска со инвестиција поврзана со рударство.
„Еднаш имав службен состанок со Милески во просториите на Владата, заедно со инвеститор заинтересиран за рударство во нашата земја“, изјави Заев.
На Кичеец вчера му беше одреден 30-дневен притвор откако обвинителството за организиран криминал поведе истрага против него и против неформалниот сопственик на 1ТВ, Бојан Јовановски – Боки 13 за примање награда за противзаконито влијание. Според предистрагата, во периодот од април 2018 до април 2019 година тие наводно барале рекет од Камчев од 8 милиони евра, за преку јавна обвинителка да биде олеснета постапката што се води против него за случајот на СЈО со кодно име „Империја“.
Милески и Јовановски од парите што ги барале, според истрагата, добиле 1,5 милиони евра.