Кој е најголем добитник од рудниците: Државата, локалните жители или инвеститорите

Од:

Дали од рударството во Македонија има повеќе корист или штета? Кој е најголем добитник- државата, локалното население или приватните инвеститори, кои прибираат по десетици милиони евра годишно. Надлежните опстојуваат на тезата дека рударството придонесува многу за развој на државата и е извор на егзистенција за локалното население. Профитот од продажбата и извозот го остваруваат приватните компании. Освен тоа што луѓето што се вработени таму и ја решаваат својата егзистенција, тешко е да се идентификуваат некои големи бенефити за целото општество, пред се ако се имаат предвид штетите по околината.

„Рударската индустрија во вкупниот бруто домашен производ (БДП) на земјата учествува со околу 2%. Во вкупното индустриско производство овој сектор учествува со околу 11%. Рударството е една од ретките домашни индустриски гранки која бележи суфицит во трговската размена со странство, која секоја година вкупно надминува 200 милиони долари, од кои над 75% отпаѓа на извоз на метални руди. Придонесот на рударството во вкупните директни инвестиции во земјата исто така е значаен. Во 2020, на пример, дури 30,7% од вкупните директни инвестиции кои пристигнале во земјата биле во рударството, велат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини за А1он и потенцираат дека во момонетов рударството креира над 8000 вработени.

„Во овој сектор просечната плата е околу 50.000 денари. Еве на пример, Пробиштип и Македонска Каменица се градови кои биле изградени од и за потребите на рудниците „Злетово“ и „Саса“, а кога тие пред 20 години се затворија замре речиси се, а со нивното рестартирање градовите продолжија да се развиваат. Поголемите рударски компании вложуваат дополнителни средства во општествено одговорни проекти и активности во различни области кои се значајни за локалната заедница, како што се здравството, образованието, животната средина, спортот и поддршка на социјално-ранливите групи. Меѓу придобивки врз економијата е плаќањето на концесискиот надомест за експлоатација на минерални суровини од компаниите во рударскиот сектор, а најголем дел од надоместокот го добиваат општините, а помал дел оди во централниот Буџет. На овој начин општините кои и онака се кревки во однос на финансиските средства, имаат можност за вложувања во капиталните инвестиции и дополнителен развој на локалните самоуправи“, велат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини за А1он.

Николајчо Николов, поранешен претседател на Македонската асоцијација за Рударство, има своја математика во постоењето на рудниците и во нивната оправданост, која сепак не се разликува многу од таа на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

„Рударскиот сектор во секоја земја игра значајна економска улога. Рударскиот секор во РМ учествува со скоро 10 % од индустриското производство,околу 1 % од БДП, вработува околу 12.000 луѓе, а во рудниците за металични суровини работат околу 2500 работници. Покрај бројот на вработени директна корист се платите и придонесите од платите, како и концесискиот надомест кој го плаќаат рудниците на име на простор и експлоатирана суровина. Конкретно денес се плаќа концесиски надомест од 2% од реализираната продажна сума на металите, што за некои општини е значајно, изјави за А1он, Николајчо Николов.

„Веќе спомнавме дека рударскиот сектор учествува со околу 1 % во БДП, но и значајни 10% во индустриското производство. Таа бројка секогаш може да биде поголема,а еколошкото прашање не се решава само преку рудниците. Мора да се направи во сите сектори поединечно да имаме одржлив еколошки развој и тогаш ќе може да зборуваме за контролирана екологија. Локалните заедници конкретно имаат силна подршка од своите рудници, бидејки според Законот за минерални суровини 78% од надоместокот кој го плаќаат рудниците оди директно во локалната каса, се вработуваат значителен број на стручни кадри, платите се поголеми од другите сектори“, изјави Николајчо Николов.

Всушност, нашата држава има реално два рудници за јаглен: Суводол-Битола и Осломеј Кичево, како и четири рудници за металични суровини и тоа: САСА за олово и цинк, Злетово и Тораница за олово и цинк и Бучим и Боров Дол за бакар и злато. Рудниците за јаглен се во државна сопственост и се наменети за производство на електрична енергија од термоцентралите, а рудниците за металични суровини се во приватна сопственост на странски инвеститори и денес активно работат. Рудниците за украсен камен исто така се во приватна сопственост.

Актуелни рудници за металични суровини за кои се чека отварање, а се извршени потребните истражувања се Иловица-Штука за ископ и преработка на бакарна руда до бакарен концентрат и Казан Дол кај Валандово за ископ и преработка на бакарна руда по пат на лужење до катоден бакар.

Најголемите рударски компании во Македонија се во сопственост на странски инвеститори кои остваруваат вкупен приход од над 250 милиони евра годишно и заработувачка од над 70 милиони евра. Тоа се Саса во Македонска Каменица, Боров Дол во Радовиш, Бучим Радовиш, Булмак во Пробиштип и Мермерниот комбинат во Прилеп.

Рудникот Саса е во сопсвеност на Централ Азија метал со седиште во Лондон, Боров Дол во кој се експлоатира бакарна руда е во сопственост на Солвеј Инвестмент Груп со седиште во Швајцарија. Булмак 2016 е дел од бугарската Минстрој Холдинг, која е концесионер на Злетово и Тораница.

Stone Works Holdings, холандска компанија во сопственост на PAVLIDIS MARBLE-GRANITE од Драма, Грција, поседува 89,25 проценти од акциите на Мермерниот комбинат во Прилеп.

Лилјана Поповска, од Здружението за еколошко одржлив развој Зелен Институт, активна многу години наназад за заштита на животната околина е убедена дека постојат алтернативни економски активности кои би можеле да го заменат рударството и да бидат помалку штетни за животната средина.

„Се разбира постојат. За нас можеби најдобри примери се Швајцарија и Австрија, не многу големи по територија, без море, но со убави планини и долини, со реки и езера. Имаат големи рудни резерви, покрај другото и злато, но се откажале од рударството, во полза на производство здрава храна, туризам, смарт, лесна индустрија, финансии… Дали им се исплаќало? Може да се видат податоците на интернет. Се разбира, тие имаат и други историски предности што им овозможиле енормен раст и развој, но изборот на економски приоритети си го направиле сами,
изјави Лилјана Поповска.

Наспроти ваквото мислење, од Министерството пак велат дека без рударство не се може.

„Рударството постои во сите земји, бидејќи економскиот развој не е можен без рудите кои ни се неопходни. Многу поразвиените земји од нас не го напуштаат рударството. На пример, производството на метали и јаглен во Австралија надминува вредност од 140 милијарди долари, во САД – 93 милијарди, во Канада – 30 милијарди, во Германија – 19,5 милијарди, а во Полска околу 12 милијарди долари“.

Но и покрај желбата за отворање нови рудници, факт кој го признава и државата е дека инспекциските служби во Македонија се немоќни, немаат доволно капацитет и ресурси за да вршат ефективна контрола врз рудниците.

„Во моментов немаат, но во наредниот период ќе се работи на зголемување на бројот на вработени во инспекциските служби, велат за А1он од Министерството за енергетика.

И Поповска смета дека немаат инспекциските служби немаат капацитет да се справат со контролата врз рудниците.

„Не би рекла. Рудниците работат според А-интегрирана еколошка дозвола, па за нивна контрола се надлежни државните инспектори. А Македонија има само 15-ина државни инспектори за животна средина, голораки, без мобилна опрема и без директен пристап до овластена лабораторија. Од нив, еден инспектор е за природа и двајца се за води, а последниве би требало да ја вршат контролата на рудничките хидројаловишта, како најопасни места во еден рудник. Според мои сознанија, таа се врши главно според годишен план, освен во случај на еколошка катастрофа, кога обично е post festum и останува само да се изрече казна, изјави Лилјана Поповска од Зелен Институт.

Дополнително, за да се подобри регулаторната рамка за да се осигура дека рудниците ќе работат според највисоките стандарди од надлежното министерство велат дека „планираат донесување Закон за геолошки истражувања и експлоатација на минералните суровини, согласно со начелото за рационална и одржлива експлоатација и заштита на животната средина.

„Ќе изработиме и Стратегија за одржливо искористување и експлоатација на минералните суровини, како и имплементација на катастарот на наоѓалишта и појави на минерални суровини, изјавија од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

„Законот за минерални суровини би требало да се доработи во неколку сегменти: внесување ново поглавие за уредување и управување со хидројаловиштата како најопасни места во рудниците; зајакната контрола од страна на Државниот инспекторат за животна средина; црпење песок и чакал покрај водотеци исклучиво за уредување речни корита или заштита од ерозија; зголемена транспарентност и вклученост на јавноста во процесите. Ќе почекаме да видиме во која насока размислува министерството да го води процесот на изработка нов закон и очекуваме да бидат вклучени претставници од еколошките активисти во работна група, како што ни најави министерката Божиновска на средбата“, изјави Лилјана Поповска од Зелен Институт.

Освен што транспарантноста на идните доделувања на концесии за рударство од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини најавуваат дека ќе ја обезбедат со донесување на Закон за геолошки истражувања и Закон за рударство, граѓанските здруженија се изборија за механизми за вклучување на јавноста и невладините организации во процесот на одлучување за отворање на нови рудници.

„Да, ги зајакнавме во процесот на подобрување на Законот за минерални суровини во рамките на кампањата РазбистриСе на ИКС – Институтот за комуникациск студии. Се внесе нова процедура за доделување концесија, по претходна студија за оценка на влијанието врз животната средина и јавна расправа по неа, со задолжително известување на сите заинтересирани, особено на локалните жители. Но, не се прифати нашиот предлог мислењето на локалните жители искажано на јавни дебати и референдуми да биде одлучувачко за одлуката за доделување концесија. Ова останува наше барање, зашто е клучно, нема позасегнати од локалните жители и нивниот збор мора да биде последен“,
изјави Лилјана Поповска од Зелен Институт.

„Одлучувањето за доделување на нови концесии е во надлежност на државните институции, но во секој случај ќе се земе предвид мислењето на јавноста“, велат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Во последниве години концесии за експлоатација се издадени за отворање на два поголеми рудници – Казандол и Иловица –Штука. Концесија за експлоатација на бакар, злато и сребро во локалитетот Казандол има украинската компанија Сардич МЦ која во моментов има тужбено барање против Македонија од десетици милиони евра. Концесија за Иловица-Штука има канадската компанија „Еуромакс ресоурцес“.

 

Со овој текст, А1он.мк се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

Би можело да ве интересира

Османи: Гледаме многу загриженост кај Албанците во Македонија во однос на правата стекнати со Охридскиот договор

Посебен режим за камиони, засилени контроли во сообраќајот, вонредни инспекции кај потенцијалните загадувачи – мерки за намалување на загадувањето

Намалена видливост поради магла од 80 до 100 метри на планинските превои Стража, Маврово, Плетвар и Ѓавато

Попов: Со новиот буџет има повеќе пари за повисок младински стандард

Алијанса за Албанците: Директорот Мемеди призна дека продолжува да го загрозува здравјето на децата во клиниката

СДСМ: Скопје најзагаден град, а власта на ВМРО-ДПМНЕ не презема ништо за загадениот воздух