Кочанската болница се полни со пациенти откако презема болни од Ковид-19 од Штип

Од:

Зголемен е бројот на лицата кои се згрижени на одделот за болни или позитивни на Ковид-19 во Општата болница со проширена дејност во Кочани, откако пред три дена почна да прима дел од пациентите во Клиничката болница во Штип.

Иако првично беше планирано да се примаат пациенти од кочанскиот микрорегион, поради преполнетоста на штипското инфективно одделение, веќе се згрижени болни и од другите општини.

-Во моментот имаме осум позитивни пациенти и седум за кои го очекуваме резултатот од тестот за Ковид-19. Освен од Кочани и населените места во околината, веќе имаме и пациенти од Штип и другите општини во источниот регион. Тие се сместени во рамки на одделението за интерни болести, при што просторот е физички изолиран од останатите простории, а обезбеден е и посебен влез. За жал, немаме инфектолог откако колегата специјалист на почетокот на здравствената криза помагаше во штипската болница, а во јуни се пензионираше. Дел од пациентите се со полесни симптоми, а за сите нив здравствената грижа ја обезбедуваме со двајца анестиолози и двајца интернисти, истакна Александар Серафимов, директор на Општа болница – Кочани.

Тој нагласи дека влошувањето на состојбата со коронакризата доаѓаат сè помлади пациенти кои се со потешки симптоми, поради што таквите случаи ги упатуваат на лекување во Скопје.

Поради ангажирањето на персоналот и просторните услови за потребите на ковид-одделот каде има обезбедено 25 легла, со намален интезитет работи интерното одделение во Општата болница, а лекарите имаат продолжени дежурства.

Според Серафимов, ако продолжи да расте бројот на пациенти на кои им е потребно болничко згрижување, се планира да се адаптираат просториите на одделението за физикална терапија каде има десетина боксови. Тоа е привремено решение, со оглед што во Кочани треба да се постави модуларна монтажна болница во рамки на регионалниот ковид-центар, а за што се чека на потпишување договор со Министерството за здравство.

Би можело да ве интересира

Жителите на Кочани ја добија битката: Советот донесе одлука да не се депонира отпад од други општини на градската депонија

Катерина Ѓуровски

Комунални возила од други општини не ја поминаа блокадата кон депонијата кај Кочани

Левица: Крмов бара проблемот со загадувањето во Кочани да се најде пред пратениците

Мртва жена со повреди била донесена во болница

Маж од Кочани истепал дете, а нападнал и полицаец

Насилство во Кочани: Тројца мажи оштетиле возило, а еден од нив нападнал жена