Коце Трајановски: По земјотресот, на брегот на Вардар израсна нов, современ и убав град

Од:

Вчеравечер, во Музејот на град Скопје, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, ја отвори изложбата „Скопје 63-виртуелни изложбени тури“, по повод одбележувањето 53 години од катастрофалниот земјотрес што во 1963 година се случи во Скопје.

– Дури и после 53 година од најтрагичните мигови на поблиското минато на градот Скопје, во многу скопски семејства неизбришливи се сеќавата на утрото на 26 јули 1963 годин. Во седумнаесетте секунди силен татнеж, згаснаа 1070 животи, илјадници семејства ги изгубија своите домови, трајно или делумно беа оштетени голем број објекти од јавен карактер, а значителен дел од улиците беа речиси непроодни. Но, и покрај тоа што и денес може да се видат последиците од земјотресот, траорниот настан означи почеток на еден нов развој, почеток на нова урбанизација, почеток на ново видување за иднината на економскиот и административниот центар на државата. Се врати оптимизмот и надежта на овој град, а собраниот и обединет свет, со неизмерна верба и љубов, помогна во градењето на новото Скопје, кое стана симбол на човековата пожртвуваност, хуманост и солидарност.

На бреговите на Вардар израсна нов, современ, убав град во кој секоја генерација остава свои траги и белези со кои таа се препознава и идентификува. Имајќи предвид дека низ долгата своја историја имал неколку нови почетоци и секогаш неговите жители упорно работеле на опстојувањето и градењето на родниот град, дожност е на оваа и на сите идни градски управи да даваат свој придонес кон функционалноста и естетиката на градот во кој што живеат и работат стотици илјади граѓани на Скопје. Ако сликата говори со илјади зборови, тогаш најсоодветна претстава за тоа каква трагедија му се случи на нашиот град дава и оваа изложба која е насловена „Скопје 63-виртуелни изложбени тури“, и воедно ќе се заблагодарам и на кураторот Јасмина Намичева и на директорот Томислав Микулчиќ кои работеа на нејзино поставување, истакна Трајановски.

Во изминатите години Музејот создаде импресивна збирка на предмети, фотографии, филмски записи, архивски документи кои беа прикажувани на годишните времени изложби организирани секој 26 јули.

Музеј на град Скопје конципираше поинаков изложбен модел од досегашниот, а новиот концепт е моделиран базирајќи се врз дигиталните технологии кои се разбирливиот јазик на младите генерации, односно годинава Музејот започна со дигитално-виртуелно претставување на конвенционалните изложбени концепти, со што ќе им понуди на граѓаните многу поголем број информации. Виртуелниот концепт на претставување на музејскиот материјал ќе биде постојано надополнуван со нови идни концепти со што ќе се создаде база за создавање на Виртуелен музеј на 26 Јули. На тој начин сите информации и предмети кои Музејот на град Скопје ги собираше изминативе години ќе бидат достапни за граѓаните на светот еднакво како и за граѓаните на Македонија, презентирани на неколку светски јазици.

Изработени се виртуелни изложбени тури со 360* приод до 4 конвенционални изложби, каде што посетителите на веб страниците на Музеј на град Скопје и на Град Скопје, ќе имаат можност интерактивно да ги одбираат и разгледуваат содржините по сопствен избор во текот на целата година. Направен е избор од 4 изложби во продукција на Музеј на град Скопје на следните теми:

2006- Граѓаните на светот за граѓаните на Скопје ;
2009-Скршениот град;
2013-Скопје 63-одбележување на 50 години од земјотресот;
2014-Скопје 63 –Филмска хроника на едно време

Би можело да ве интересира

Земјотрес ја погоди Босна и Херцеговина

Пијан скопјанец пред сопругата и децата пукал и тешко ранил познаник

Земјотрес почувствуван утрово во Дојран

Скопјанец пријавил сексуално злоставување на неговата малолетна ќерка

Скопјанец со нож и се заканувал на сопругата

Арсовска: Нашето Скопје треба да се сака со тоа што заедно ќе работиме да имаме поубав град