Кандидатите за градоначалник на Град Скопје потпишаа документ со кој се заложуваат дека ќе работат за реализација на проекти кои произлегуваат од приоритетите и потребите на младите.
Актуелниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски не се појави на настанот иако претходно најави дека ќе присуствува на потпишувањето кое се одржа во Музејот на современа уметност.
По потпишувањето, четирите од осумте кандидати кои присуствуваа на настанот, дадоа изјава за медиумите и потврдија дека ќе се залагаат за интересите на младите.
Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од СДСМ, Петре Шилегов изјави дека му е особена чест да присуствува на потпишување на овој документ и додаде дека со жалење констатира дека младите во изминатите години беа оставени сами на себе без помош од никого.
– Младите почнаа да се иселуваат од државата. Тој тренд на иселување константно расте. Оваа тенденција мора да се спречи. Ветувам поддршка за младите, услови за развој на културата и следење на светските трендови. Младите ги чекаат подобри времиња и тука сме за нив да обезбедиме подобра иднина, рече Шилегов.
Кандидатката Нафије Селмани од БЕСА кажа дека има нови проекти кои се од интерес за младите. Таа рече дека младите можат без нас, но општеството не може без нив.
Марија Џонс, кандидатката од Левица изјави дека во нејзината партија подолг период се разговара за проблемите на младите и во целост се согласуваат со нивните барања, за кои рече дека имаат разговарано со младината.
– Младите имаат потреба од промени, од маалските училишта па се до студентските домови. Скопје исто така треба се повеќе да инвестира во државните училишта за децата кои учат во нив да можат да се натпреваруваат со приватните, рече Џонс.
Виктор Јованов