Коалиција за промени и правда испрати соопштение со кое повика на масовни протести вечер во 19 часот откако не се исполнија условите за фер и демократски избори:
Коалицијата за ПРОМЕНИ И ПРАВДА смета дека крајно време е да се стави крај на политичката криза и да се нормализираат состојбите, се со цел да се создадат услови за владеење на правото и правдата.
Целокупниот државен апарат вклучително и судовите се ставени во функција на заштита на државно политичкиот врв. Реформи не се спроведуваат и не се работи на создавање основни предуслови за одржување на фер и слободни избори.
Најавите за немири од страна на власта, држењето во неизвесност и нападите на СЈО, како и силната манипулативна провладина медиумска кампања, покажува во каков кошмар е Република Македонија.
Коалицијата за ПРОМЕНИ И ПРАВДА бара итен договор за излез од кризата и формирање на Реформска – експертска Влада.
Ги повикуваме граѓаните на масовни и мирни протести, за да ги забрзаме позитивните процеси за излез од кризата и да ја подржиме работата на СЈО.
Воедно апелираме на достоинствено однесување, без провокации и насилство, а евентуалните обиди за инсценирање судири да се избегнуваат.