Клиниката за гастроентерохепатологија воведува нова процедура за третман на заболување на хранопровод

Од:

Интервенција на радиофреквентна аблација кај пациенти кои страдаат од Баретов езофагус за првпат во државава е извршена на Универзитетската Клиника за гастроентерохепатологија. Ова заболување се карактеризира со измена на нормалната лигавица во долната третина на хранопроводот која доколку соодветно не се третира може во одреден процент да доведе до карцином на хранопровод. Со радиофреквентна аблација, која е ендоскопска техника, променетото ткиво се изложува на топлинска енергија со што се уништува променетото ткиво.

Интервенцијата ја изврши тим од Клиниката со помош на светски познатиот гастроентерохепатолог д-р Иво Бошкоски, кој е по потекло од нашата држава, а работи на Католичкиот универзитет, во чии рамки функционира поликлиниката „Агостино Џемели“ во Рим. Ваква интервенција ќе им биде извршена и на уште двајца пациенти.

– Имам чест да се пофалам дека од денеска почнавме да работиме нова метода која не се работи во блиската регија со потенцијал да станеме некаков регионален центар. Тоа е радиофреквентна аблација на Баретов езофагус, оштета на дисталниот дел на хранопроводот. Го замоливме колегата Иво Бошкоски од болницата „Агостино Џемели“ во Рим, да дојде да ни помогне, да провери колку е добар нашиот ендоскопски тим за вакво нешто. Успеавме да ја направивме интервенцијата кај првиот пациент, имаме селектирано уште два пациенти. Од денеска Клиниката официјално почнува да ја работи оваа метода, рече директорот на Клиниката за гастроентерохепатологија, проф. д-р Калина Гривчева Старделова.

Д-р Бошкоски рече дека станува збор за преканцерозна болест, која доколку не е третирана адекватно се создава канцер.

– Нема голема инциденција, но сум пресреќен што денеска во државава благодарение на проф. д-р Гривчева Старделова и на целиот тим почнаа со ваков тип интервенции. Самата патологија е многу деликатна. Алтернатива е хирургија. Тука ние со десет минути интервенција со радиофреквентна аблација на хранопроводот извршена е тотална ерадикација на Баретов езофагус, т.е. промена на слузницата на хранопроводот во метапластична потоа во дисплазија итн. Тоа е ретка патологија, но е многу деликатна. Колегите ја извршија интевенцијата, а јас правев опсервација. Се беше сорвршено, технологијата е најмодерна. Го имаме истиот апарат во болницата „Агостино Џемели“ во Рим. Навистина сум пресреќен што денеска тука постои ваква технологија, потенцира д-р Бошкоски.

Одговарајќи на новинарско прашање проф. д-р Гривчева Старделова рече дека пациентите се селектирани нивни амбулатски, кои лежеле, а Клиниката аплицирала, добила официјална цена која Фондот ја исплатил и тоа оди на товар на Фондот.

Д-р Владимир Андреевски истакна дека ако во минатиот период имале 20-тина случаи за две три години, се повеќе размислуваат на состојбата на Баретов езофагус, па со тоа и бројките растат.

– Досега сме биле во ситуација не е тоа преголема бројка на одредени пациенти да ги упатиме на лекување во странство. Ова практично значи директна заштеда за Фондот и за Клиниката, рече д-р Андреевски.

Проф. д-р Гривчева Старделова рече дека имале двајца пациенти кои биле упатени на лекување во странство во болницата „Агостино Џемели“ во Рим. Посочи дека Фондот за здравствено осигурување едниот пациент за една сеанса го чинел 15 000 евра, а за вториот пациент имало потреба да се повтори сеансата и тоа Фондот го чинело 30 000 евра.

– Значи ние со непраќањето на тие два пациенти ја имаме апаратурата. Денес имаме три пациенти. Веќе ни е апаратот исплатен со тоа што не сме ги испратиле, што се однесува до државата, а што се однесува до пациентите сме им заштедиле пари, бидејќи тие биле наши хоспитални пациенти и не отишле во друга држава, додаде проф. д-р Гривчева Старделова.

Д-р Бошкоски рече дека кога ќе знаат ендоскопистите низ цела држава дека постои ваква терапија ќе ги упатуваат директно пациентите со Баретов езофагус на Клиниката и автоматски има регионален центар и за другите околни држави.

Д-р Андреевски истакна дека споредено со општата популација ризикот за трансформација во адено карцином на хранопроводот е за 30 пати поголем кај луѓето кои имаат Баретов езофагус.

Баретов хранопровод настанува како компликација од долготрајна повторувачка гастроезофагеалена рефлуксна болест, односно оштетата на хранопроводот предизвикана од враќање на киселината од желудникот во хранопроводот.

– Се работи за можеби ретка, но сериозна состојба која ја овој начин можеме успешно да ја третираме. Во најголем број од случаите таа се должи на долгогодишна рефлуксна болест и тоа е една до нејзините компликации, додаде д-р Андреевски.

Интервенцијата се изведува во амбулантски услови од страна на гастроентеролог, а пациентот е под анестезија. Со цел унапредување на третманот на оваа состојба на Клиниката за гастроентерохепатологија се воведува и уште една метода за мерење на pH во хранопроводот и неговото движење со што може да се обезбедат точни информации за присуство на рефлуксната болест. Континуираната 24-часовна pH-метрија е стандарден метод во гастроентерологијата кој овозможува директно и квантитативно мониторирање на киселинскиот рефлукс и дава показатели за одредување на соодветниот начин на третман, информираат од Клиниката.

Би можело да ве интересира

Времено отстранети двајца доктори од Детска клиника, за кои се води дисциплинска постапка за смртта на 14-месечното бебе

Предраг Петровиќ

Укината забраната: лекарите од приватното ќе може да се вратат во јавното здравство

Катерина Ѓуровски

Зголемување над 60 проценти на болни од Ковид-19, регистрирани 271 случај минатата недела

Предраг Петровиќ

Демири го разреши директорот Шокаровски поради висока смртност на Кардиохирургија

Анита Петровска Рајковиќ

Вработените во здравството ќе протестираат на 8 април, нема да добијат усогласување со минималната плата

Протест на лекарите специјализанти, во тек состанок со претставници на Министерството за здравство