Ќерката на пратеничката Александрова шест месеци прима плата од Фондот за иновации иако мајка ѝ рече дека била волонтер

Од:

Сара Александрова шест месеци прима плата од Фондот за иновации иако мајка ѝ, пратеничката Емилија Александрова, тврди дека ќерка и нема никаков договор со оваа институција. И покај тоа што Фондот за иновации, по острите критики во јавноста, на почетокот на годинава демантира дека ќерката на пратеничката е вработена кај нив, од јули, сепак, почнале да ѝ даваат плата. Ќерката на пратеничката Александрова за половина година добила 150 илјади денари, односно имала по 25 илјади денари месечна плата.

Од Фондот објаснуваат дека до крајот на јуни ќерката на пратеничката била ангажирана на практична работа без надомест, а од 1 јули била ангажирана со договор на дело.

„Лицето Сара Александрова е ангажирана за потребите на Фондот како техничка поддршка во делот на човечките ресурси. Техничката поддршка како задача е во согласност со видот и степенот на стекнатото образование на ова лице, како и нивото на стекнатото работно искуство. Со лицето е склучен договор за дело за вршење привремени работи за потребите на Фондот од 1.7.2019. Договорот завршува на 31.12.2019 година“, велат од Фондот за иновации за „А1он“.

Ќерката на пратеничката Александрова имала месечна плата од 25 илјади денари

Ангажирањето на ќерката јавноста го протолкува како награда за гласот на мајката пратеничка за уставните измени минатата година. Емилија Александрова како пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ гласаше за уставните измени, а следниот ден беше исклучена од партијата. Таа во интервју за „А1он“ минатата недела рече дека ќерка ѝ само волонтирала во Фондот.

„Имаше демант веднаш по објавите од прес-центарот на ВМРО-ДПМНЕ. Фондот излезе со соопштение дека мојата ќерка не е вработена кај нив. Нема никаков договор со Фондот за иновации. Мојата ќерка во Фондот волонтира два месеца и тоа беше сè. Без никакви договори“, одговори пратеничката Александрова на прашањето дали таа влијаела за вработувањето.

Од Фондот за иновации не гледаат непотизам во ангажирањето на ќерката на пратеничката и велат дека се отворени за соработка со сите институции кои се сомневаат дека постои каков било ризик.

„Фондот за иновации и технолошки развој во повеќе наврати досега практично покажа соодветен слух и грижа за спроведување на политиките на добро управување и отвореност. Истиот пристап и отвореност го покажуваме и сега и во иднина. Отворени сме за соработка со сите поединци и институции во презентирање на реалните факти и утврдување евентуално постоење ризици“, објаснуваат од Фондот.

Истиот одговор го даваат и на прашањето што се сменило по демантот со кој негираа дека ќерката работи кај нив за да ја ангажираат со плата од 25.000 денари.

Фондот за иновации не објасни по кои критериуми е ангажирана Сара Александрова, како и дали имало други пријавени за истиот ангажман. Оттаму објаснуваат дека таа нема регулиран работен однос, а со тоа не постои обврска да објават оглас според Законот за државните службеници.

„Лицето Сара Александрова не е вработена во Фондот, односно нема регулиран работен однос ниту на неопределено ниту на определено време за чие засновање се следат одредбите од Законот за државните службеници. Како институција што одговорно управува со средствата на граѓаните правиме соодветна процена на потребите, но и на оправданоста од постојан ангажман на која било работна позиција пред да се објави соодветен оглас. За опишаните работни задачи не постои оправданост од постојан ангажман“, додаваат од Фондот.

Договорот на ќерката на пратеничката Александрова истекува овој месец.

Би можело да ве интересира

ФИТР со реакција: Внукот на Ахмети барал повеќе пари за иновации ама му одобриле само 82.000 евра

А1он

(ВИДЕО) ВМРО-ДПМНЕ: Советник од Град Скопје и бизнис партнер на Макрадули добил тендер од 200.000 евра

А1он

ФИТР: До 10.000 евра за креативни алатки за полесно справување и надминување на последиците од Ковид-19

А1он

Фирмите кои добија пари од Фондот за иновации бесплатно ги понудија ИТ решенијата на граѓаните

А1он

Индијците изненадени: Проектот на Орданоски е речиси ист со нашиот

Мери Јордановска

Фондот ќе испитува дали иновацијата на Орданоски од 350.000 евра е плагијат

Мери Јордановска