Дирекцијата за заштита на личните податоци во 2015 година извршила 395 надзори кои резултирале со две прекршочни пријави кај постојани повторувачи на повредите на личните податоци.
Тоа го изјави денеска директорот на Дирекцијата за заштита на личните податоци Горан Трајковски, одговарајќи на новинарски прашања на одбележувањето на Европскиот ден за заштита на личните податоци – 28 јануари.
Претставките, посочи Трајковски, најмногу се однесуваат на повреди во делот на социјалните мрежи, креирање лажни профили, злоупотреба и нарушување на приватноста и достоинството на поединецот. Основен приоритет на вработените во Дирекцијата е остварување и давање правна помош при заштитата на податоците преку едукација на граѓаните и правните субјекти, а во заден план е санкционирањето и изрекувањето на прекршочните мерки кои стојат на располагање во законот, потенцира Трајковски.
Од ноември лани Дирекцијата спроведува двегодишен проект „Поддршка за пристап до правото на заштита на личните податоци“, финансиран со 900 илјади евра од ЕУ во рамки на ИПАРД програмата 2012. Со проектот, меѓу другото, ќе се изработи ново национално законодавство усогласено со новата легислатива што ја подготвува ЕУ во заштитата на личните податоци.
– Добар дел од легислативата во ЕУ ги помина фазите на нормативно усогласување, поминати се во Европскиот Парламент, остануваат уште одредени чекори во Европската Комисија. Најавите се дека тоа ќе се случи во март-април 2016 година и токму поради тоа во рамки на овој проект паралелно ќе пристапиме на изработка на ново национално законодавство за заштита на личните податоци кое ќе биде во целост компатибилно во рамки на ЕУ, рече Трајковски.
Според него, зголемен е интересот на јавноста во Македонија и свеста за потребата за заштита на личните податоци е на многу повисоко ниво и е присутна во сите сегменти на возрасни категории. – Веќе се таргетираат и децата во основите училишта, средношколците се масовно опфатени. Веруваме дека со овој проект следната година кога ќе го одбележуваме 28 јануари ќе можеме да говориме дека сме веќе стапнати во новата ера на заштита на личните податоци во Македонија, потенцира Трајковски.
Габор Фришман, претставник на унгарски „Виалто консалтинг“ вклучен во имплементација на проектот оцени дека постојат многу предизвици пред Дирекцијата со цел да се постигнат реални и конкретни резултати во ова поле и најави дека за тоа ќе биде обезбедена соодветна поддршка.
– Усогласувањето со европската легислатива и со новите случувања во легислативата е нешто што е приоритет, но и понатамошно доразвивање на методологиите што сега, исто така ги користат стручните инспектори кои работат во Дирекцијата, изјави Фришман, одговарајќи на новинарски прашања.
Покрај согласувањето на националните прописи со реформираното законодавство во ЕУ проектот предвидува и јакнење на соработката со контролорите и обработувачите на личните податоци, зајакнување на механизмите за заштита на личните податоци во различни области, развој и стратегија за заштита на личните податоци и примена на ИСО ИТ стандарди и стандарди за приватност.