Собраниската Комисија за труд и социјална политика денеска го продолжи заседанието на кое на дневен ред се амандманите за Предлог-законот за бранителите.
Пратениците ги изгласаа ограничувањата на обраќањата на пратениците според препораките содржани во писмото што претседателот на Собранието го упати до Комисијата и до пратеничката група на ДУИ. Подоцна беше изгласано и ограничување на времетраењето на процедуралните забелешки бидејќи за време на седницата пратениците од ДУИ и од ДПА се обидоа преку нив да имаат подолги обраќања поврзани не само со темата на седницата.
Седницата попладнево по вторпат беше прекината откако пратеникот на ДПА Зијадин Села одби да го прекине своето обраќање побарано како процедурална забелешка откако ги надмина трите минути, изгласани само неколку минути пред тој да застане на говорницата. Зијадин Села рече дека не ја почитува одлуката на Комисијата истакнувајќи дека на тој начин им се ограничува правото на збор на пратениците Албанци.
Обраќајќи им се на пратениците од ДУИ, Села рече: „Ќе ви кажам јас како се блокира овој закон. Ќе ви покажам кога ќе стигнеме до последниот амандман, ќе видите кога ќе ја земеме оваа говорница, овие микрофони и овој Парламент ќе го запалиме.“
Со ограничувањето на дискусиите, а сега веќе и на процедуралните забелешки, пратениците и од ДУИ и од ДПА сметаат дека им се ограничува правото на изразување во Парламентот.
Цветанка Иванова, претседателката на Комисијата, истакна дека се прави обид за повторна блокада на работата на ова собраниско тело и дека тоа го прават ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ со поддршка од претседателот на Собранието. Иванова беше децидна дека нема да дозволи да се направи повторно блокирање на работата на Комисијата.