Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство обезбеди средства за чистење на одводната каналска мрежа во општина Вевчани, информира денеска градоначалникот Цветомир Угриноски.
Според него, ќе се чистат каналите надвор од урбаниот дел во општината во должина од четири километри.
– Проектот опфаќа сечење жбунови и вегетација и транспорт до депонија, машински ископ на земја од трета категорија и чистење на постојни армирано бетонски пропусти. Проценетата вредност на работите изнесува околу 1,5 милион денари, изјави Угриноски.
Средствата се обезбедени од буџетот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство врз основа на проектот на општина Вевчани за чистење на одводна каналска мрежа во атарот на општината.