За утре е закажано сведочењето на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков пред Анкетната комисија за скандалот за прислушувањето. Мијалков е најрелевантен чинител во скандалот кој ја разбранува Македонија и која доведе до заострување на политичка криза затоа што прислушувањето се одвивало додека тој директорувал со Управата, а неговиот глас, како што рекоа од СДСМ, се јавува во „бомбите“ каде се договараат монтирани полициски процеси, но и мешање на извршната власт во судската со местење на судии.
Сепак ниту една страна не очекува тој да се појави. Претседателот, Петре Шилегов изјави дека верува оти Мијалков ќе се однесува со истото поведение како Груевски, Протуѓер и Ставревски кои ги испуштија закажаните сведочења. Павле Саздов од ВМРО-ДПМНЕ, пак, изјави дека ниту еден сведок не треба да се сослушува се додека премиерот не биде овозможен да дојде како сведок кој ја прифатил поканата.
Наместо да расправаат за изборни манипулации, злоупотреба на овластувања, закани, партиски вработувања, целосна партизација на институциите и раширена олигархија, пратеници на Анкетната комисија денеска се расправаа меѓу себе. Шилегов не можеше да ги убеди членовите дека Комисијата треба да почне со сослушување на сведоци и да побара одговори од владините функционери на ВМРО-ДПМНЕ кои се појавуваат во политичките „бомби“. Наместо за тоа, мнозинството членови на Комисијата одлучија денеска да се договарат околу формирањето на работните групи кои би ги посетиле институциите надлежни за прислушување. Шилегов, пак, како претседател тоа не го прифати.
За пратениците не беше предмет на дискусија тоа што шефот на кабинетот на премиерот, Мартин Протуѓер, реши целосно да ја игнорира писмената и јавна покана и да не се појави на закажаната седница. Тој денеска требаше да одговара на прашања за обвинувањата дека со заплашување и уцени принудувал граѓани да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, дека ангажирал вработени во МВР во партискиот штаб во Охрид и дека ја кроел уредувачката политика на некои медиуми. Разговорот за Протуѓер почна и заврши на почетокот на седницата кога Шилегов рече дека не добил никакво известување од него дали ќе присуствува или ќе биде спречен да дојде.
-Јас морам да го запазам Деловникот за работа и да донесам дневен ред за работа на седницата. Што се однесува до Протуѓер може е надвор и чека да го повикаме – ги убедуваше Шилегов пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека прво треба да отпочне седницата за потоа да се утврди дали повиканите сведоци го избегнале сослушувањето.
На барање на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ сослушувањето на сведоци е одложено. Наместо да започне на 9-ти, како што беше најавено од претседателот на Комисијата, тие сметаат дека треба да започне во понеделник кога премиерот ќе може да се појави и сметаат дека не треба да се сослушува било кој друг пред него.
Пратениците од владејачката партија го оправдуваат отсуството на нивните функционери преку сопствени толкувања на Деловникот и на веќе донесените одлуки во Комисијата. Тие ниту еднаш не упатија јавна покана до предложените сведоци да се појават на седница, ниту го осудија денешното осуство на Протуѓер.
Маја Васева