Време е Кавадарци да застане на победничката страна, рече денеска на прес-конференција Бетиане Китев, кандидат за градоначалник од СДСМ и коалицијата.
– На страната на животот и промените. На страната на која застана цела Македонија. На нашиот град му се потребни промени. На Кавадарци му треба подобра инфраструктура, посредени улици и патишта, нови градинки, спортски терени, гасифиикација. На граѓаните на Кавадарци им е неопходен чист воздух. За младите мора да отвориме нови можности и повисоки плати со цел да не ни заминуваат во странство. И, секако, на сите граѓани им е потребна отворена и услужна општина, рече Китев.
Тој ги повтори петте клучни проекти кои ќе бидат приоритет на новата локална власт и на градоначалникот.
– Во соработка со Владата, целосно ќе го гасифицираме Кавадарци. Граѓаните и фирмите ќе плаќаат поевтини сметки за електрична енергија. Ќе изградиме затворен пазар со подземен паркинг простор. Пазарџиите и граѓаните повеќе нема да мрзнат зимно време на отворено. Во Кавадарци ќе се изгради нова градинка. Родителите повеќе нема да имаат грижи каде би биле згрижени нивните деца додека тие се на работа. Целосно ќе ги реконструираме главните улиците и булевари во Кавадарци и ќе го замениме асфалтот на сите оштетени улици во градот. Исто така, планираме и изградба на три нови кружни текови, истакна Китев, најавувајќи и комплетирање на колекторскиот систем на реката Луда Мара до селото Марена.