Кавадарци е еден од најзагадените градови во Македонија според ПМ 10 честичките во воздухот, а предуслов за квалитетен живот на секој човек се здравиот воздух и вода за пиење. Ова го истакна на денешната прес-конференција Бетиан Китев, кандидат за градоначалник од редовите на СДСМ и коалицијата. Тој рече дека имаат решение за овој проблем.
– Денеска одржавме една симболична акција за чистење на сметот со цел да ја потенцираме важноста на чистотата и здравата животната средина, која зазема многу важен дел од нашата програма. Ние во нашата програма имаме конкретен план со повеќе мерки, како да го решиме проблемот со загадувањето во Кавадарци. Како прво, со гасификацијата, значително ќе го намалиме загадувањето. Ова е еден од нашите приоритетни капитални проекти. Понатаму, ќе поставиме нова и попрецизна мерна станица за поефикасно мерење на загаденоста на воздухот во Кавадарци. Трето, во соработка со Владата, ќе ги субвенционираме обвновливите извори на енергија, а и ќе започнеме со поставување на сончеви колектори и на покривите на јавните институции, информираше Китев.
Најави значително проширување на зеленилото во Кавадарци. Покрај проширувањето и обновувањето на постоечките паркови, садење нови дрвореди како низ градот, така и низ периферијата. На барање на многу сограѓани, сериозно ќе се разгледала можноста за поставување дрвореди и на градскиот плоштад. Додаде дека ќе го помагаат и афирмираат велосипедизмот и возењето велосипеди.
– Во однос на комуналните услуги, планираме осовременување на депонијата Мелци, како и воведување на систем за гасење на истата. Ќе ги замениме и застарените метални канти со отпадоци во градот и ќе поставиме нови, соопшти кандидатот за градоначалник.
Се осврна и на изградба на колекторски систем до селото Марена, со што конечно ќе се реши проблемот со миризбата во Глишиќ и Марена, која доаѓа од реката Луда Мара.