Поранешниот генерален секретар на СДСМ и поранешен пратеник, Александар Кирацовски контра премиерот Зоран Заев, актуелниот генерален секретар Љупчо Николовски и вицепремиерот Артан Груби за случајот со разрешувањето на директорот Стојко Пауновски. За разлика од останатите, Кирацовски смета дека Пауновски не треба да се разрешува, туку да се сметат критериумите за рамковна распределба на вработените по рамковниот договор.
„Да се менуваме на подобро, менувајќи го лошото, не доброто. Aдминистративците по рамковниот концепт треба да бидат артикулирани во системот, согласно критериумите кои важат за сите останати, но не треба да бидат привилегирани на штета на истиот. Кога веќе силно се залагаме за подигнување на критериумите на високо професионално ниво во администрацијата и државниот апарат, неупатно и погрешно е да го менуваме оној кој најдоследно ги применува. Можеби јавната конфронтација на Пауновски е политички несмасна и спротивна на професионалниот кодекс на однесување, но неговата смена во овој момент би била грешна порака, спротивна на евидентните заложби“, напиша Кирацовски.
Претходно, премиерот Зоран Заев кажа дека очекува да се разреши Стојко Пауновски, бидејќи смета дека има основ за тоа. Ова доаѓа откако претходно Пауновски одби да вработи 35 „рамковни“ административци, бидејќи сметаше дека тие не исполнуваат услови согласно систематизацијата. На ова одговори Заев, кој јавно му испрати порака и му порача да не дава отпор. Пауновски отиде чекор понатаму и кажа дека е разочаран од изјавата на премиерот. Премиерот Заев смета дека Пауновски со изјавите го понижил него, но и Артан Груби како вицепремиер задолжен за прераспределба на рамковните вработени.
Освен вработените во Државниот пазарен инспекторат кои веќе кажаа дека застануваат зад директорот Пауновски, поддршка за него има и на социјалните мрежи каде се критикува чекорот на Владата и премиерот Заев. Зад Пауновски, според Котели, стои и Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани.
Од Владата и кабинетот на премиерот Зоран Заев засега нема одговор дали ќе ги примат вработените во Државниот пазарен инспекторат, кои бараат итна средба и отповикување на најавата за разрешување на директорот Стојко Пауновски. На новинарски прашања за разрешувањето не одговара ниту заменик-претседателот за борба против корупција, криминал, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.