Актуелните случувања во Украина и импликациите по европската безбедност и соработка, состојбите на Блискиот исток со осврт на конфликтот со ИСИС, односите меѓу ЕУ и САД во контекст на потпишување на договор за слободна трговија се дел од темите во расправата на Комисија за надворешна политика при Финскиот парламент на која се обрати и учествуваше поранешниот министер за надворешни работи и некогашен претседател на Генералното собрание на ОН, Срџан Керим.
Во дебата, на која присуствуваше на покана од претседателот на Комисијата за надворешна политика на Финскиот парламент, Тимо Соини и воедно лидер на партијата “Вистински Финци”, а во организација на поранешниот Амбасадор на Финска во Македонија, Алпо Руси, се расправаше и за улогата на ОН во реализацијата на целите на одржлив развој како и неопходноста од спроведување на реформи во системот на Светската организација, како би можел да одговори на глобалните предизвици. Посебен осврт, како што информираат од кабинетот на Керим, беше даден на перспективите на земјите од Западен Балкан во однос на нивната интеграција во ЕУ и НАТО.
Попладнето во организација на Финскиот институтот за меѓународни односи и Универзитетот во Хелсинки, Керим одржа заедничко предавање со Параг Кана, соработник во Институтот за меѓународни работи во Сингапур, како и член на Европскиот Совет за меѓународни работи на тема “Новиот мултиполарен свет и предизвиците на неговото управување”. Покрај од студентите, предавањето беше проследено од низа експерти од политичкиот и бизнис сектор на Финска, кои активно се вклучија во дебатата, која следеше по излагањето на говорниците.
Во своето излагање Керим се осврна на улогата на меѓународните организации како што се ОН, Светската банка, ММФ, Светската трговска организација во време на забрзана глобализација, важноста и значењето на регионалните економски интеграции во рамките на ЕУ, НАФТА, АСЕАН, МЕРКОСУР, како и дистрибуцијата на економскиот раст со појавата на растечките пазарни економии и мултиполарниот карактер на светската економија.
Глобалната финансиска криза, тероризмот, одржливиот развој, климатските промени и нивниот импакт врз животната средина се само мал дел од низата теми кои што не засегаат сите и не можат да бидат одговорени на национално ниво, истакна Керим. За нив е потребен меѓународен дијалог, каде централно место мора да се даде на заштитата на интересите на индивидуата во функција на унапредувањето на човековите права и одржливиот развој.