Казни имаат околу 1000 матични лекари, Фондот нема да ги избрише, но го намалиле износот

Од:

Казни имаат околу 1000 матични лекари, нема начин да им бидат избришани оти кај сите е утврден пропуст, а Фондот за здравствено осигурување веќе направил отстапка со тоа што ја намалил висината на казната. Ова е накусо ставот на Фондот за здравствено осигурување по најавите за штрајк од матичните лекари оти во ек на најголемиот притисок што го имаат од пациентите поради сојот омикрон, им стигнале казни за издадени лекови по застарен извештај од специјалист уште од 2019 година.

Фондот нема конкретно објаснување зошто токму во овој момент им дава казни на матичните за прекршоци направени и пред три години. Од таму велат дека има рокови и казните ги испраќаат сега оти застаруваат, но не образложуваат зошто досега тоа не го сториле.

Од таму не кажуваат ниту прецизна бројка на ординации кои сега добиле казни, а бројката од околу 1000 се однесува на период од 2016 досега, но кај дел од нив се веќе застарени. За утре најавија детално објаснување со прецизен број на казнети ординации и висина на казните кои ги добиле.

Преку соопштение денес Фондот образложи дека листата на лекови, која ја утврдува стручна комисија формирана од министерот, содржи и ограничувања за лековите во начинот на пропишување и издавање меѓу кои е и мислењето на специјалистот.

„Ваквиот начин на пропишување на лековите има за цел да го заштити здравјето на пациентите, со тоа што е точно пропишано кој лекар специјалист може да препорачува лекување со соодветна терапија“, стои во соопштението од Фондот за здравствено осигурување.

Изминатиот период од Фондот нагласуваат дека овозможиле олеснување на казнената политика за здравствените установи со тоа што во текот на 2019 година склучиле анекс – договори за драстично намалување на казните, во 2020 година ги намалиле контролите поради пандемијата, комисиите работеле транспарентно и претставници на коморите имале право на глас и при разгледување на записниците од извршените контроли во здравствените установи, ги зеле предвид сите олеснителни околности, со тоа што за сторени повреди на договорните обврски кои опфаќале период на важењето на два договора, секогаш ја изрекувале помалата договорна казна.

„Висината на најголем дел од казните за матичните лекари е 15.000 денари. Износот е преполовен, според старите договори казната изнесува 30.000 денари. Казната од тримесечна капитација е намалена на 75. 000 денари, а меѓу лекарите кај кои е утврден прекршок има и такви кои добиле само опомена, тоа зависи од прекршокот“, велат од Фондот.

Во однос на забелешката дека во време на пандемија од коронавирус, Фондот место да им помогне на избраните лекари и да ги награди за вложениот труд поради зголемениот обем на работа, им изрекува договорни казни, од таму велат дека Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести следејќи ги препораките на Светската здравствена организација презеле низа мерки за да им излезат во пресрет на избраните лекари.

Како олеснувања Фондот наведува шест точки:

1. Се продолжи важењето на специјалистичките извештаи, отпусни писма и конзилијарни мислења на повеќе од една година, заради непречено издавање на рецепти, боледување и ортопедски помагала на осигурените лица;

2. Избраните лекари во периодот на траење на мерката не ги повикуваа осигурените лица на превентивни прегледи;

3. При отсуство на избраниот лекар поради болест или изолација, здравствените услуги ги пружа лекарот замена. Во случај кога во изолација се наоѓа и лекарот замена, Фондот овозможи без ограничување назначување на втор лекар, а по потреба и друга замена;

4. Доколку во овој период, лекарскиот тим остане без медицинска сестра поради тоа што истата е заразена од коронавирусот ( COVID-19), или е во самоизолација/ изолација, лекарот здравствените услуги ги пружа без сестра, за што Фондот продолжува да исплатува надоместок на капитација;

5. Во случај кога спреченоста за работа трае повеќе од 30 дена, лекарот редовна замена може и по истекот на 30 дена да продолжи да пружа здравствени услуги на осигурените лица на лекарот кој е на подолготрајно боледување., за што истиот добива 70% од капитацијата на лекарот кој е на боледување;

6. Избраните лекари имаат право да препишуваат лекови на рецепт од Листата на лекови на товар на Фондот (антибиотици и анксиолитици), над дозволениот лимит, кои се неопходни при третман и лекување на осигурените лица заболени од коронавирусот (COVID -19).

Дел матичните лекари велат дека веќе ги платиле казните, но се крајно разочарани и освен за штрајк размислуваат и за затворање на ординациите.

Би можело да ве интересира

Матичните лекари згрозени од убиството: Треба ли да се плашиме дека некој после работа може да не убие

Горан Наумовски

Андоновски: Неделава ќе ја почнеме иницијативата за законските измени на ФЗОР случајот со Леонид не е единствен

Случајот со Леонид ги откри сите слабости на Фондот: Се кратат пари за лекување и за операции на срце во приватните клиники

Орце Костов

Се прекинува штрајкот во ФЗОМ – платите исти до мај

Да не се лаже дека Фондот за здравство нема пари, тоа е институција со најголем буџет порачуваат синдикалците

Катерина Ѓуровски

Меџити: ФЗОМ побара 2,9 милијарди денари за нови лекови на позитивна листа за следната година