Со положување цвеќе пред спомен плочата во центарот на градот и свеченост во Градскиот музеј, Кавадарци денеска одбележа 123 години од формирањето на Македонската револуционерна организација.
Пред присутните зборуваше историчарот Марија Михова од Кавадаречкиот музеј.
– Начелата на Внатрешна македонска револуционерна организација (ВМРО) биле да е тајна и револуционерна, нејзината територија да ја сочинува само Македонија во нејзините географски и етнографски граници поради што ќе се нарекува внатрешна, во неа да членуваат родени и лица што живеат во Македонија без разлика на вера и народност, политиката на организираните Македонци да е автономија на Македонија и да се чува самостојноста на организацијата за да не падне под влијание на политиката на соседните држави, реќе Михова.
Основачите на организацијата ја потенцирале независноста и самобитноста на Македонија, да се темели пред се на сопствени сили, да се стреми кон будење на сознанието за самозаштита на поробениот македонски народ.