„Катимерини“: „Жешко“ лето за членството на Македонија во НАТО

Од:

По заминувањето од власта на Никола Груески и формирањето нова Влада во Скопје, прашање на време е кога ќе почне притисокот врз Атина за изнаоѓање решение за прашањето за името со цел ПЈРМ да влезе во НАТО и потоа да почне преговори за членство во ЕУ, коментира денеска „Катимерини“.

Весникот информира дека „според добро информирани западни дипломати во Скопје, Брисел и Берлин проценуваат дека забрзувањето на процедурите за интеграција на соседната земја во НАТО под акронимот ФИРОМ, ќе биде ‘подарок’ за поддршка од Западот за дуото Заев-Ахмети, кои инвестирале за враќање на внатрешнополитичката и етничката нормалност во земјата која се смета за клучна за геополитичката рамнотежа“.

„Катимерини“ коментира дека притисокот врз Атина ќе почне веќе во наредните месеци, додека извори за весникот изјавиле оти германскиот притисок врз Атина за брз прием на Македонија во НАТО веќе станува „задушувачки“.

„Дипломатски извори проценуваат дека Атина очекува ескалација на притисоци, можеби дури и во текот на летото и, секако, пред Германија „длабоко“ да влезе во изборен период. Она што ја плаши Атина е формулацијата на предлогот за пристапување на ПЈРМ во Северноатлантската алијанса со привременото име (ФИРОМ), со обврска за промена која ќе ја обезбеди договор меѓу Грција и Скопје кој би се постигнал за извесно време. Од Атина таков развој е непожелен, затоа што се проценува дека во време кога повеќе земји од НАТО веќе ја признаваат земјата под уставното име (‘Република Македонија’), тогаш едноставно нерешеното прашање со Грција ќе трае до бесконечност“, пишува грчкиот весник.

„Катимерини“ заклучува дека „се укажува оти мобилноста околу промовирање на пристапниот курс на Македонија е неминовна, а и во Скопје започнува дипломатски процес со новиот министер за надворешни работи Никола Димитров кој почнува да патува во соседните земји со цел подобрување на климата“. Меѓу првите, ако не и прва, е посетата во среда на Атина како одговор на поканата која до него ја упати Никос Коѕиас и која Хојт Jи ја поздрави како „рака за пријателство кон Македонија“, наведува весникот.

„Тој (Димитров) побрза да изрази подготвеност за состаноци и разговори со цел подобрување на односите меѓу двете земји кои, како што истакна, се надева дека ќе доведат до договори кои ќе го ослободат патот на Македонија кон евро-атлантските интеграции“, пишува „Катимерини“.

Дипломатски извори сметаат дека ова „ослободување“ наскоро ќе почне со притисок врз Атина да ја повлече резервираноста за НАТО со акронимот ФИРОМ, додека прашањето со ЕУ е покомплексно и бара напредок во важни реформи за кои ќе треба подолго време, а се однесуваат на економијата, државниот апарат и така натаму.

Би можело да ве интересира

Арсовска: Оф бе Боби, седи Боби, кец

Предраг Петровиќ

ВМРО-ДПМНЕ: Жерновски не избламира пред членка на ЕУ и никогаш не стана амбасадор, следбеник на Заев и ,,Бојко љубави” дипломатијата

Предраг Петровиќ

ЗНАМ: СДСМ се во длабока криза и прашање е нивниот опстанок после локалните избори

Лишен од слобода “бајач” од скопско, измамил брачен пар од Берово за 400.000 евра

СДСМ: Дебакл на надворешната политика на Муцунски, ниту еден успех, само порази и понижувања

(ВИДЕО) Арсовска: Фатен нов див приклучок на вода во Сарај, си наводнувал пластеници

Предраг Петровиќ