Претседателот на движењето Беса и кандидат за градоначалник на општина Тетово Биљал Касами денеска на прес-конференција во партиското седиште во Тетово зборуваше за решавање на проблемот со сметот кој е еден од главните со кои се соочуваат тетовци.
– Ние како движење Беса имаме решение за чиста средина во градот и општината за што сме ангажирале тим на словенечки експерти со што ќе го решиме проблемот и со депонијата и со загадувањето. Планираме реорганизација на јавното комунално претпријатие за да можат вработените да го соберат целиот смет што се создава, за што најпрвин им треба соодветни плати и опремување со соодветна механизација и други потреби. Изградба на капацитет за селекција на отпадот при што дел од ова ќе се користи како репроматеријал за индустријата. И како последна точка – предвидуваме едукација на наслението во поглед на фрлањето смет и негов третман. Ние имаме долгорочна стратегија за овој проблем што предвидува нула загадување во Тетово а со тоа почиста околина и подостоинствен живот за граѓаните, рече Касами.
Одговорајќи на новинарско прашање околу тврдењата од ВМРО ДПМНЕ дека во екот на предизборната кампања градоначалничката Теута Арифи ангажирала дополнителен број работници, дел и кои не се жители на општината, кои го чистат градот и што претставува и кршење на Изборниот законик, Касами рече дека ВМРО ДПМНЕ како партнери со ДУИ во локалната валст сигурно имаат информации за таа состојба но оти тие како движење Беса остануваат на ставот за целосна реорганизација на ЈКП Тетово. Според него, моменталниот број вработени со соодветен план може да ги заврши задачите за одржување на чисто Тетово.