Караџовски: Се зголемува бројот на заболени од морбили

Од:

Двојно е зголемен бројот на заболени од морбили. Од 2 февруари до денеска се регистрирани 58 новозаболени од кои 54 се од Скопје, двајца заболени се од Тетово и по еден од Гостивар и Гевгелија, изјави денеска епидемиологот Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје на Република Македонија.

Тој посочи дека 144 деца или 71 отсто од сите деца се невакцинирани или непотполно вакцинирани. Оние деца кои се невакцинирани, појасни, се најекспонирани на заболувањето при што кај нив се очекува вирусот да навлезе и да предизвика болест.

– Втората работа што е битна е тоа што 32 отсто од овие деца се на возраст под една година и не подлежеле на вакцинација согласно вакциналниот календар. Заболените се на возраст од еден месец до 54 години. Повеќе од 60 отсто од заболените се на возраст од една до четири години. Најекспонирана група е од една до четири години. Се работи за епидемија верифицирана и потврдена во нашиот Институт, рече Караџовски.

Нагласи дека вкупно вакцинирани во државата во периодот од почнување на епидемијата, досега, се 8.434 од кои 5.900 се во Скопје, а 2.534 во останатите градови. Според него, се очекува и натамошен развој на епидемијата, бидејќи таа се уште не го достигнала својот врв, поради тоа што само на територијата на Скопје има 50 отсто вакцинирани.

– Останатите 50 отсто се оние кои се експонирани и можат да заболат. Додека не се достигне 95 отсто ниво на колективна заштита епидемијата ќе трае. Може да се очекува епидемијата да се дистрибуира и во другите делови на државата. Вакцината е коректна, имуногена и проверена во Европа и не постои ризик од каква било реакција, истакна Караџовски и упати апел да продолжи интензивната вакцинација и родителите да ги однесат децата на вакцинирање.

Во врска со шестмесечното бебе од кумановско, заболено од морбили, кое почина изутрината на Клиниката за инфективни болести, рече дека тоа било хоспитализирано во текот на изминатиот месец во два наврата на Детското одделение во Куманово.

– Од 1 до 5 февруари беше хоспитализирано во Детската болница во Козле. На 5 февруари е префрлено во Инфективната клиника и е егзитирано во 7 часот. На почетокот на јануари детето имало трајно воспаление на белите дробови, најпрвин како опструктивен бронхит, а потоа и како бронхопневмонија. Бронхопневмонијата е проширена на двете белодробни крила и покрај интензивното лекување и реанимација на Клиниката за инфективни болести починато денеска наутро. Друг коморбидитет немаше во однос на други заболувањ, додаде Караџовски.

Би можело да ве интересира

Андоновска: Секој суспектен случај на морбили да биде пратен на Инфективна или во ИЈЗ

Во дел од Босна и Херцеговина прогласена епидемија на морбили

А1он

13-месечното дете од Свети Николе заразено со морбили е во добра здравствена состојба

Ана Ололовска

Мехмедовиќ: Детето со морбили во добра состојба е пуштено на домашно лекување

СЗО: Бројот на случаи на сипаници во светот во голем пораст

Ана Ололовска

Министерството за здравство, УНИЦЕФ и СЗО со заеднички апел – да се делува за да се спречи можна зараза со морбили

А1он