Палмите во Охрид почнаа да згаснуваат, директорот на Македонски шуми, Жарко Караџовски вели дека е презадоволен од тоа како успевале.
Тој за А1он тврди дека не се точни информациите за 20 исушени палми во Охрид, и кажа дека се работи само за шест палми.
-Од процентот на палмите ние сме презадоволни, не е точно дека 20 палми се исушиле, има само шест палми исушени од преку 200 засадени. Тие се во фаза на исушување но не се исушени, и има десетина кои некој гледајќи ги од страна може да рече дека се мртви или не знам какви, ама не е така, вели Караџовски за А1он.
Во однос на зафатеноста дали има исушени или не се исушени, не постои дрво на планетава кое ќе ги засадите и сите ќе успеат. Кога садиме на “Денот на дрвото“ или проширена репродукција, ние сите сме среќни ако успеат 60 проценти од нашите дрва , од икс причини може да не успеат, има многу фактори, никаде нема 100 проценти успешни засади, вели Караџовски.
За палмите имаше два тендери, и двата во вредност од 29.000.000,00 денари. Првиот тендер во кој се бараа 1100 палми со висина од 4 метри беше поништен, по што се распиша нов тендер за 1000 палми но со различни висини-само 750 палми над 4 метри, 50 палми над 5 метри, 20 палми над 6 метри, 20 палми над 7 метри и 160 палми над 8 метри.
Сите палми требаше да бидат одгледувани во контејнери, тие се поскапи но гарантираат поголем успех при садењето. На тендерот се јави само една фирма од Тетово, немаше конкуренција поради условот-палми од 7 и 8 метри што тешко се наоѓаат, посебно одгледувани во контејнер со што нивната цена е висока.
Караџовски за А1он тврди дека палми од 7 и 8 метри веќе биле засадени во Дојран, Охрид, и Гевгелија. Дел од палмите во Скопје се со сомнителни 4 метри колку што беше најниската висина на тендерот, а при засадувањето во Охрид медиумите беа информирани за “садење на 200 палми од 3 и 4 метри“.
-Не знам како се одгледувани знам дека се донесени во контејнери. Приемот го изврши стручна комисија, потврдена со одлука на Влада. Во таа докумнтација која сме ја добиле стоеше дека се исправни и дека ги исполнуваат условите, вели Караџовски.
Палми од седум и осум метри се засадени во Дојран, нешто се засадени во Охрид и другите не се засадени ги чуваме во специјални услови и по потреба ги засадуваме. Јас не ги садам, моите информации кажуваат дека се засадени во Охрид, Дојран и Гевгелија, вели Караџовски.