Кандидатите-Албанци за вработување во болниците бараат тестирање на албански јазик

Од:

Минатата недела се реализираше примен испит за вработување на новиот здравствен персонал во повеќе болници во државава. Испит беше само на македонски јазик, а кандидатите-Албанци што аплицирале велат дека им било одземено нивното законско право за двојазичност.

Тие не сакат нивните имиња да бидат објавени за ова да не влијае во селектирањето при вработувањето, но тврдат дека имале тешкотии во разбирањето на прашалникот.

„Во средно училиште, но и за време на студиите ние ја имавме цела литература на албански јазик и затоа не е фер сега да се тестираме на македонски. Имаше термини и изрази што никогаш не сме имале можност да ги слушнеме на македонски и ова ни пречеше при одговорањето. А нашите македонски колеги го немаа овој проблем“, вели С. А., дипломирана медицинска сестра.

„Јас го познавам добро македонскиот јазик, но, сепак, мислам дека ние имавме право исто како и македонските кандидати прашалникот да биде на албански јазик. Некои од моите другарки имаа многу тешкотии токму поради јазикот“, тврди М. И. од Кичево, исто така дипломирана медицинска сестра.

На средба со директорот на медицинскиот центар во Кичево, Љупче Ристески, тој рече дека прашалниците доаѓат подготвени од Министерството за здравство и сè е во нивната надлежност.

„Истиот испит се одржа во многу градови низ Македонија и за него имало пријавено повеќе од 600 кандидати. Тестовите ни доаѓат готови од Министерството за здравство и ние немаме право да промениме ништо. Меѓутоа, јас тврдам дека тие што знаат, јазикот не им е пречка. И на минатите конкурси имало Албанци што добија дури и 100 поени. Јас мислам дека јазикот не е пречка, но не го негирам нивното право да барат да се тестираат на нивниот јазик“, додаде Ристески.

Членот на комисијата за приемиот испит, Џабир Бајрами, рече дека за првпат во комисијата имало Албанци и тоа двајца од вкупно шестмина.

„Јас и мојот колега Албанец им помогнавме толку колку што можевме на тие што имаа потреба за преведување на прашањата. Но, од кандидатите немаше јавна жалба во врска со јазикот. Ако тие мислат дека тестирањето треба да биде двојазично, треба да достават барање до компетентните органи, односно во Министерството за здравство, затоа што ова е нивно право и не може да им се негира“, додаде Бајрами, доктор во детското одделение во медицинскиот центар во Кичево.

Само во Кичево на испитот се пријавиле повеќе од 170 кандидати и околу 25 од нив биле од албанска припадност. Истиот испит се реализиараше и во другите градови низ Македонија и прашалникот бил ист за сите.

Во меѓувреме, од Министерството за здравство не сакаа да дадат изјава и да го коментираат случајот.

Фатљуме Дервиши

Би можело да ве интересира

Три лица загинаа во сообраќајна несреќа во Кичево

Вработените во здравството ќе протестираат на 8 април, нема да добијат усогласување со минималната плата

Протест на лекарите специјализанти, во тек состанок со претставници на Министерството за здравство

Момче со автомобил удри во полицаец, повредениот заврши во болница

Синдикати бараат новиот министер за здравство да ги потпише анексите усвоени од Влада

Земјотрес во Албанија почувствуван во Охрид и во Кичево

Катерина Ѓуровски