Канческа-Милевска: Конкретизирани се чекорите за обнова на конаците на Трескавец

Од:

Во локалната самоуправа во Прилеп попладнето се одржа состанок на надлежните институции за активностите за обновата на манастирскиот комплекс Трескавец на кој присуствуваше и министерската за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Таа изјави дека конкретизирани се чекорите за обнова на изгорените конаци на манастирскиот комплекс Трескавец.

– Прво ќе се расчистат изгорените ѕидови на конаците. Локалните власти заедно со Македонската православна црква ја организираат акцијата која е прв нареден чекор. Прилепскиот завод и музеј за рекордно време го направи идејниот проект. На манастирот ќе му се обезбедат: армирано бетонска конструкција со дрвена обмотка за да се задржи автентичноста на конаците, систем за дојава на пожар, хидрантска противпожарна мрежа и каптажа и резервоар за собирање на водата. Потоа ќе се изготви основниот проект кој ќе оди на ревизија. Откако ќе помине и таа фаза, ќе се распише тендерот за изведувач на работите, изјави Канческа-Милевска.

Таа изрази благодарност до сите граѓани, добронамерници кои веднаш се вклучија и постојано нудат помош за обновата на конаците.

Министерката го спомна вечерашниот концерт на Танец во Прилеп со кој почнуваат добротворните културни настани за обновата на манастирот.

– Концертот на Танец вечерва во Прилеп и претставата на Театарот комедија во Скопје се првите културни настани што го најавуваат вклучувањето на сите институции од културата за обновата на манастирскиот комплекст Трескавец. Со претстави, концерти и други културни настани сите ќе се вклучат во донирањето средства. Се покажува безрезервна поддршка и ако треба, велат од институциите, ќе се одржат концерти и повеќепати, изјави Канческа-Милевска.

Од Министерството за транспорт и врски е добиена цврста гаранција дека изведувачот „Гранит“ до крајот на август ќе го изгради патото од 7,5 километри до манастирот за потоа да почне обновата на конаците.

Владиката Климент упати благодарност до сите граѓани бидејќи, како што рече, обновата на големото светилиште ги покрена сите. На жиро сметките се уплаќаат донации од сите без разлика на верската припадност. Според него, присуството и ангажманот на министерката за култура, е гарант дека се ќе се заврши

– На синодско ниво е одлучено сите епархии активно да се вклучат во обновата на манастирот, која колку што може и на каков и да е начин. Тоа дава верба дека сите сме на вистинскиот пат, истакна владиката Климент.

Прилепската локална самоуправа заедно со МПЦ го прави првиот нареден чекор штом времето ќе дозволи.

– Завршен е планот за демонтирање на опожарените ѕидови на конаците. Тие мора да се срушат зашто се опасни. Тоа ќе го направиме веднаш штом дозволат приликите зашто во овој момент кај манастирот има снег. За ова локалната самоуправа од буџетот издвои еден милион денари, појасни градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески.

Министерката Канческа-Милевска нагласи дека истовремено течат и другите проекти на Заводот и музеј, финансирани од Министерството. Завршена е првата фаза за обновата и изградба на источниот конак на манастирот Свети Архангел Михаил, а во манастирот Зрзе завршен е проектот за владичкиот, а сега се работи на оној за монашкиот конак.

Би можело да ве интересира

Археолошките истражувања на Трескавец го потврдуваат милениумското светилиште и како урбана населба

ВИДЕО: Спасени се две туристки од Полска кои паднале во пресек од карпа над провлија кај „Трескавец“

Мариово и Трескавец меѓу петте финалисти за најдобра европска филмска локација

Жарко Настоски

Манастирот Трескавец се обновува според предвидената динамика

Ана Ололовска

Се бараат доброволци за гаснење на пожарот кај Трескавец

Наум Локоски

ЦУК: Повторно е активен пожарот во близина на Трескавец

Наум Локоски