Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска заедно со директорот на Управата за заштита на културното наследство Виктор Лилчиќ денеска го посетија манастирскиот комплекс „Свети Атанасиј“ во Лешок, каде се сретнаа со митрополитот тетовско гостиварски г. Јосиф.
Во рамки на посетата министерката Канческа-Милевска најави три активности за заштита на дел од спомениците на културата во ова важно духовно, културно и историско седиште во тетовско како обновување на внатрешноста од конаците, отстранување на влагата од црквата „Света Богородица“ и обнова на старата манастирска црква што се наоѓа на два километри од манстирскиот комплекс „Свети Атанасиј“ во правец на планинското село Варвара.
Проектите ќе ги спроведува Националниот конзерваторскиот центар за заштита на спомениците при Министерството за култура и тие ќе се подготват во текот на оваа година, а со реализирање треба да се почне на почетокот од следната година. На црквата „Света Богородица“ каде претходно е реставриран фрескоживописот, уште ова лето ќе се интервенира во заштита на нејзината архитектура каде се појавила влага додека на манстирскиот конак досега е обновена фасадата и покривната конструкција.