Кампањата за референдумот во тек, ВМРО-ДПМНЕ се уште без официјален став

Од:

Се интензивира кампањата за референдумот на 30 септември. Коалицијата „Излези за европска Македонија“ денеска има средби со граѓаните во Македонска Каменица и во Делчево. Собранието, како овластен предлагач, исто така, ја почна кампањата со објави во некои медиуми. Вчера најава дека почнуваат кампања имаше и од ДПА, Беса и Алијанса на Албанците.

Иако 10 септември беше посочуван како датум кога опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе го соопшти ставот во врска со референдумот, тоа не се случи. Од партијата посочија денеска ќе има состанок на Извршниот комитет и дека се разговара за прашањето за референдумот, но не само за него, и оти штом ќе биде изграден, ставот ќе биде соопштен.

Лидерот на партијата Христијан Мицкоски на почетокот на август во телевизиско интервју рече дека до 10 септември ќе го соопшти партскиот став за референдумот на 30 септември.

– Не е точно дека ВМРО-ДПМНЕ нема став по ова прашање. Во минатото во многу наврати го има кажано и повторено својот став што се однесува на принципот за промена на Уставот, а со цел промена на уставното име, рече тогаш Мицкоски.

Посочи дека партијата летово има акција „Лето за Македонија“ и во нејзини рамки се консултира со многу граѓани на дневна основа, со членовите и раководството на партијата и општинските комитети.

Сепак, членови на партијата веќе ги соопштија своите лични ставови дека ќе го бојкотираат или дека ќе гласаат на референдумот, и кои се нивните видувања за промената на името кое се доведува во контекст на евроинтеграциите.

Во рамки на Коалицијата, но и преку партиски и активности на пратениците, и СДСМ и ДУИ секојдневно имаат активности кои ги користат за да им ги образложат своите ставови на граѓаните зошто треба да гласаат за референдумското прашање.

Во кампањата се приклучија и помалите партии на Албанците ДПА, Беса и Алијанса на Албанците.

Под мотото „Чекор напред ЗА НАТО и ЕУ“, ДПА вчера од Чаир ја започна кампањата за референдумот од Старата скопска чаршија.

Во петокот, како што се наведува во партиското соопштение, ДПА избрала изборни штабови во Липково, Куманово, Арачино, Бутел, Чаир, Шуто-Оризари, Велес, Чашка, Кисела Вода, Сопиште, Сарај, Желино, Теарце, Тетово, Брвеница, Боговиње, Неготино-Врапчиште, Гостивар, Кичево, Дебар, Струга, Охрид, Ресен, Долнени, Крушево и Битола.

Претседателот на Алијансата за Албанците Зијадин Села го повика членството да гласа „за“ ЕУ и НАТО на претстојниот референдум.

– На 30 септември Албанците нема да дозволат повторно да се воспостави ѕид што ќе ги дели Албанците кои живеат на Балканот, на две различни страни, како што беше во период од над 50 години за време на комунизмот, потенцираше Села.

Алијансата за Албанците во претстојниот период ќе одржува дебати со граѓаните со цел да си го кажат мислењето. Кампањата ќе ја реализираат под мотото „За НАТО и за ЕУ“, а формирани се 27 општински и локални штабови.

И „Беса“ на Билал Касами вчера преку прес-конференција соопшти дека ќе го поддржи претстојниот референдум и дека ќе го мотивира албанското население што помасовно да излезе на 30 септември и да гласа „за“.

– Бидејќи референдумот и уставните промени се дел од истиот процес, но во две различни фази, ние во оваа фаза понудувајќи ги потребните аргументи, ќе го мотивираме албанското население што по масовно да излезе на 30 септември и да гласа „ЗА“ на денот на гласањето, додека едно од нашите ветувања е дека во втората фаза, односно отворањето на уставните измени е дека ќе се ангажираме во согласност со нашите програмски определби и очекувањата на албанското население барањето за прецизно утврдување на терминот од „20 проценти“ да се замени со „албански” и „албански јазик”, изјави Аријанит Хоџа од „Беса“.

Слоганот под којшто ќе настапува „Беса“ е „ДА за НАТО и ЕУ како Албанец, а не како процент”. Во следните 20 дена планираат да одржат средби со граѓани на кои ќе ги презентираат придобивките од влезот на Македонија во НАТО и ЕУ.

Истовремено се одвива и кампњата на караванот против референдумот кој од град во град ги повикува граѓаните да го бојкотираат референдумот на 30 септември.

Би можело да ве интересира

Конгресот го избра новиот состав на Централниот одбор на СДСМ

А1он

Фани Каранфилова Пановска е нов заменик претседател на СДСМ

А1он

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ секогаш биле и ќе останат политички „кукавици“

А1он

(ВИДЕО) Филипче: Денешниот конгрес е нов почеток, нова борба, нова надеж дека можеме да ја вратиме партијата на победнички патеки

А1он

СДСМ денеска на конгрес ќе ги избира највисоките тела на партијата

А1он

СДСМ утре ќе го одржи 30. Конгрес на кој ќе избере ново раководство