Со поддршка Агенцијата за млади и спорт и на Републичкиот совет за безбедност на патиштата, двократниот европски шампион во ридско-брзински автомобилизам, Игор Стефановски – Иџе, денеска во Прилеп ја започна кампањата за едуцирање на младите за опасностите кои може да се случат од брзото и неодговорно возење.
Стефановски вели дека тој брзината ја покажува каде што треба, на патеките, а на улица треба да се биде одговорен, посебно младите.
-Непотребно е на нашите улици да се вози брзо и да се загрозуваме пред се, ние, а потоа и сите останати. Целта е преку едукативна програма да им објасниме на младите кои се спортските вредности, да го почитуваат фер-плејот во спортот и тимската работа и се надевам дека ќе донесе резултати. Нашата мисија е една сообраќајна несреќа да има помалку, а тоа значи дека сме ја постигнале целта, вели автомобилистот Игор Стефановски – Иџе.
Предавањето пред учениците од средните и основни училишта Стефановски го одржа во преполната сала од домот за културата „Марко Цепенков“ во Прилеп.
Кампањата ја поддржа и градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески.
-Со овој настан сакаме пред се да ја потенцираме безбедноста во сообраќајот во Прилеп. Исто така, сакаме да поттикнеме младите да се занимаваат со спорт, нормално да учат и секако, да се промовира автомобилизмот преку нашата легенда Иџе, истакна Ристески.
Оваа кампања има и забавен карактер. Пред младите прилепчани македонскиот трофеен спортист Иџе ги донесе своите две возила: картингот и тркачкото возило, а младите исто така можеа да почувствуваат како е да се вози на вакви брзински трки преку симулаторот кој Стефановски го донесе од својата тркачка академија.
Кампањата ќе се спроведе низ цела Македонија.