Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ почна кампања за воведување образование за мир/мировно образование во воспитно-образовните институции во Македонија. Кампањата ќе се спроведува еден месец, од денеска до 27 октомври.
За таа цел низ цела држава се поставени билборди и сити-лајтови со слоганот „Мирот е секој чекор“ на шест локални јазици (македонски, албански, турски, ромски, српски и влашки).
„Меѓаши“ информира дека целта на кампањата е да се мобилизира јавноста (учители, воспитувачи, старатели, родители, ученици, студенти…) да дејствуваат за воведување на мировното обазование како составен дел на воспитнообразовниот систем. Ги повикува соодветните институции и училиштата да ја поддржат акцијата, како и медиумите од кои очекува да се посветат преку снимање дебатни емисии, образовни емисии, детски емисии, разговори, интервјуа поврзани со значењето на мирот и мировното образование.
– Во Република Македонија се уште не е застапено мировното образование односно образованието за мир. Нашето барање кон МОН и Бирото за развој на образованието е да се воведе Образованието за мир како составен дел на воспитно-образовниот систем. Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ работи континуирано на полето на мировното образование. Промовирајќи ги мирот и ненасилството како основни вредности во воспитно-образовниот систем, укажуваме на потребата од неопходноста мировното образование да се вгради во наставните програми во Република Македонија, соопшти „Меѓаши“.
Според „Меѓаши“, воведувањето на мировното образование како составен дел на образованието, почнувајќи од предучилишното па нагоре, ќе резултира со намалување на насилствата во училиштата и зајакнување на капацитетите на наставниот кадар и учениците во поглед на надминување на конфликтите и нивно решавање по ненасилен пат.