Кампања „И јас сакам да гласам“ на Здружението за церебрална парализа од Тетово

Од:

Здружението за церебрална парализа од Тетово денеска со прес-конференција ја започна медиумската кампања насловена „И јас сакам да гласам“.

Целта на кампањата, според претседателот на здружението Зоран Андонов, е запознавање на лицата со посебни потреби и нивните семејства, старатели и блиски со можностите за гласање на претстојните локални, но и на следните изборни циклуси.

Особено внимание во овој проект, како што рече, се става на можноста за гласање на лицата во домашни услови.

– Потребата за поголема информираност на хендикепираните лица за оваа можност за гласање доаѓа оттаму што, според нашите податоци, на последните парламентарни избори што се одржаа во декември лани имаше навистина многу мал број вакви лица кои го оствариле правото за гласање во домашни услови. Во Тетово од вкупно 22 лица кои гласале во сабота дома шест биле хендикепирани, во општина Јегуновце само две, додека во останатите општини имало само стари и изнемоштени лица, рече Андонов.

Тој посочи дека во рамките на проектот во соработка со здружението „Дејче“ од Тетово спровеле анкета во која биле вклучени стотина лица со потежок облик на физички или психички хендикеп при што било забележано дека многу од нив, како и членовите од нивните семејства, се неиформирани за оваа можност, дел добиле и погрешни информации дека немаат ваква можност, а дел рекле дека не сакаат дома да им доаѓаат избирачки комисии. Од друга страна, голем дел од оние со лесна попреченост излегле и гласале на нивното гласачко место.

Андонов рече дека освен денешната прес-конференција во рамките на проектот на оваа тема ќе се одржи и јавна трибина и дебатна емисија на локална телевизија додека по добивањето на сите информации ќе биде изработен и флаер со потребната документација, барање и се што е потребно за да се добие право за гласање во домашни услови.

Теодора Поптрајков од Мост, кои го поддржуваат проектот, рече дека ја поддржале оваа кампања бидејќи на минатите избори бил забележан енормен пораст на барања за гласање во домашни услови, но оти голем дел од овие барања не ги задоволиле законските критериуми за тоа, додека, пак, оние кои би можеле да добијат ваква можност од разни причини не поднеле барање за тоа.

Проектот „И јас сакам да гласам“ финасиски е поддржан од Европската унија.

Би можело да ве интересира

Хрватска повторно го избра Милановиќ

Предраг Петровиќ

Отворени се над 6.500 избирачки места на претседателските избори во Хрватска

Горан Наумовски

ЦИК на Грузија: Претседателските избори се сметаат за валидни

Горан Наумовски

Познати кандидатите на претседателските избори во Хрватска

Горан Наумовски

Романците пред нов историски „референдум“

Ќе се поништат ли претседателските избори во Романија, не очекувале таков резултат

Предраг Петровиќ